АРХИВА Сведоштво на родителите на Фросина: Вистинскиот убиец го штитат моќници во државава

by fokus 22:30
22:30

Текстот е објавен на 4 септември 2015 година во неделникот „Фокус“, во бројот 1030

Пишува: Валентина Стојанчевска

- Advertising -

Со ништо не може да се врати изгубениот живот или да се намали болката на родителите што го изгубиле своето чедо, но со дознавањето на целата вистина, колку и да е болна, и со досудената правда, тие добиваат барем малку мир.

Ваков мир веќе пет месеци бараат најблиските на 19-годишната Фросина Цековска од Крива Паланка, чиј живот прерано згасна откако беше прегазена во Скопје. Нејзината желба да ги направи горди своите родители како одличен студент остана неисполнета.

Сега тие деноноќно се измачуваат со прашањата што точно се случи критичната вечер на 3 април годинава, дали возачот што ја усмрти нивната Фросе бил под дејство на алкохол, дали возел пребрзо, дали можел да ја врати во живот доколку застанел да ѝ помогне…

Наместо одговор на нивните прашања, засега тие наишле само на молк од институциите. Се прашуваат зошто им е потребно толку многу време за да ја завршат истрагата, кога за други сообраќајни несреќи реагирале многу побргу.

Само за споредба, кога се случи несреќата во која животот неодамна го загуби новинарката Сузана Тодоровска-Павловска, од обвинителството експресно излегоа со првични информации, известувајќи ја јавноста дека возачот бил под дејство на алкохол и дрога, а ја соопштија и брзината со која го управувал возилото. Затоа е нејасно зошто за случајот на Фросина применуваат различни критериуми, или подобро речено, кого се обидуваат да го заштитат?

ПЕТ МЕСЕЦИ ЧЕКААТ ОДГОВОР ОД ОБВИНИТЕЛСТВОТО

Со родителите на Фросина стапивме во контакт преку нејзината помала сестра. Иако раните им се свежи, а болката неподнослива, сепак решија да зборуваат за семејната трагедија. Велат дека тишината им ја пара душата, па затоа бараат што побргу да ја дознаат вистината.

– Немаме никакви информации, единствено оној записник од полицијата што е направен на самото место на денот на несреќата. Досега не сме повикани во обвинителството, но самите отидовме дента кога имаше сослушување на еден од сведоците. Тогаш обвинителката не сакаше да нѐ прими поради што испративме и два дописа до неа, да ни каже до каде е истрагата, но уште немаме одговор. Како што немаме контактирано со обвинителката, немавме контакт ниту со полицијата. Сите се плашат да ни ја кажат вистината, велат родителите на Фросина.

Единствената информација што ја имаат е од записникот што го добиле од полицијата, а, според кој, за време на несреќата возачот имал алкохол во крвта, што го потврдиле и анализите на урината. Исто така, претстава за тоа што се случило за време на несреќата имаат и од сведоштвото на другарката на Фросина, која била со неа за време на трагедијата.

Таа им кажала дека кога сакале да ја преминат улицата на пешачкиот премин кај Универзална сала, на семафорот било вклучено зелено светло за пешаци. Неколку секунди пред трагедијата со нив биле уште две девојчиња, со кои се враќале од приватни часови по физика, но тие се упатиле десно, а Фросина и другарката, која била сведок на настанот, тргнале на лево да ја преминат улицата кон населбата Карпош 4. Тогаш кон нив, со голема брзина, налетал автомобилот „хонда“. Другарката се вратила еден чекор назад, но не успеала да ја повлече за рака Фросе. Автомобилот удрил во неа и ја отфрлил дваесетина метри.

Она што го забележале очевидците, а потоа го соопшти и полицијата, е дека возачот не се обидел да запре, туку продолжил да вози и избегал. По дваесетина минути, самиот се пријавил во полициската станица во Ѓорче Петров. Според информациите од полицијата, 26-годишниот скопјанец Љубиша Видејковиќ бил збунет и во шок. Само изустил дека прегазил пешак на Партизанска.

„ВИСТИНСКИОТ ВОЗАЧ СЕ КРИЕ“

Молкот на институциите како да дотури сол на раната на семејството Цековски, но и создаде сомнеж дека некој се штити за да не одговара пред лицето на правдата. Во јавноста сѐ погласно се зборува дека зад воланот критичната вечер не седел Видејковиќ, туку друг возач. Токму затоа блиските на Фросина објавија апел на социјалните мрежи.

„Кој и да си, чиј и да си, веруваме дека, пред сѐ, постои нешто човечно во тебе. Возењето со 160 километри на час не е сообраќајна несреќа, тоа е убиство, а бегството по таков чин е кукавичност, непружањето помош е нечовечност. Ние го сакаме твоето вистинско лице. Ние сакаме да застанеме пред вистинскиот убиец на нашата ќерка, сестра, внука, другарка, девојка, колешка и сограѓанка“, се вели во апелот.

Родителите објаснуваат дека секојдневно слушаат разни имиња и информации за тоа чиј син бил возачот, па веќе и се уверени дека неговото име се крие.

– Сите го бараме тој, кој на 3 април ни го смени животот, тој што ни го зеде највредното, она најмилото, она по кое ќе тагуваме цел живот. Секој ден ги слушаме тие шпекулации и мислиме дека тоа е вистина. Вистинскиот убиец се крие од моќниците во државата кои имаат влијание врз полицијата и врз обвинителството. Во разговор со граѓаните, посебно со лица вработени во МВР, ни кажуваат дека сите го знаат вистинскиот убиец на нашето Фросе, но никој не сака или не смее јавно да проговори бидејќи се плашат да не ја изгубат работата и да си го зачуваат семејството, велат родителите, кои додаваат дека сѐ што бараат е вистинскиот виновник да биде осуден и да си ја добие казната за делото што го сторил.

Тие истакнуваат и дека е чудно тоа што и по пет месеци возачот не е повикан на сослушување, ниту, пак, беше притворен, туку како што велат, оставен е да живее слободно.

Судот, наместо притвор, одлучи на возачот да му ја одземе возачката дозвола и да му одреди мерки на претпазливост. Тогаш Канал 5, повикувајќи се на извори од истрагата, објави дека возачот не е задржан во притвор бидејќи таа мерка не била предвидена за вакво кривично дело. Исклучок имало само во ситуации ако возачот е странец или, пак, ако имало сомневање дека може да избега. И оваа констатација остана нејасна бидејќи во Кривичниот закон, во член 300, „Тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот“,  јасно се наведува дека за ова кривично дело е предвидена затворска казна од најмалку четири години, за која, пак, постои можноста за одредување притвор.

Одговорот на прашањето кој навистина седел зад воланот и кој ја усмртил младата студентка, ќе се дознае со вештачење на биолошките траги пронајдени во возилото. Неофицијално дознаваме дека се земени брисеви и отпечатоци од воланот.

Резултатите од вештачењето треба да им стават крај на шпекулациите, кои одат дури до таму дека вистинскиот возач му понудил поголема сума пари на осомничениот за да ја преземе одговорноста наместо него. Колку ова сценарио и да изгледа неверојатно, бидејќи на овој начин лажниот осомничен би дал голема жртва, односно наместо друг би поминал неколку години в затвор, сепак молкот на обвинителството го зголемува сомнежот. Оттаму веќе една недела не сакаат да одговорат ниту на прашањата на „Фокус“: До каде е истрагата за сообраќајната несреќа? Што покажуваат првичните наводи од истрагата, со која брзина возел возачот, дали бил под дејство на алкохол и дали пешакот Цековска, пешачкиот премин го поминала на зелен или на црвен сигнал од семафорот? Дали за случајот веќе е изготвено обвинение?

Исто така, засега е нејасно дали се обезбедени снимки од камерите на булеварот Партизански одреди, кои доколку работеле во моментот на несреќата, треба да дадат одговор на сите нејасни прашања.

СЕЛЕКТИВНА ПРАВДА

Од семејството истакнуваат дека не им е јасно како може некои сообраќајки да се решаваат експресно, а за оваа, која ги засега нив, да им е потребно толку време. Како пример ја наведуваат несреќата што се случи на почетокот на јули, кај трговскиот центар „Зебра“, кога беше усмртена новинарката Тодоровска- Павловска. За два месеца се заврши истрагата, почна судењето, а за во четвртокот беше најавено и изрекувањето на пресудата.

Покрај експресното затворање на овој случај, на обвинетиот му беше одредена и мерката притвор, односно веднаш по несреќата тој заврши зад решетки.

За 30 септември е закажано и судското рочиште за сообраќајката што се случи на 15 ноември минатата година, кај Католичката црква, кога беше усмртен 16-годишниот Иван Белински, додека поминувал на пешачки премин. За несреќата е обвинет 20-годишниот Џенис Мекиќ.

„Обвинетиот го управувал возилото со недозволена брзина на движење од 100 км на час, која не била приспособена кон својствата и состојбата на патот, атмосферските услови, прегледноста, густината на сообраќајот и другите сообраќајни услови, така што да може навремено да го зaпре возилото пред секоја пречка што во дадените услови може да се предвиди. Со предниот дел од возилото удрил во телото на пешак, кој, заедно со уште двајца пешаци, на обележан пешачки премин го поминувале коловозот. Како резултат на ударот и падот на пешакот на коловозот, пешакот добил тешки телесни повреди што довеле до развивање на трауматски шок, нарушување и престанок на функцијата на важни витални органи и починал“, се вели во обвинението.

Сепак, дека понекогаш до правдата се доаѓа премногу бавно, сведочи несреќата во која загина 73-годишниот Симо Серафимовски, а обвинет беше Ален Зекиров, тогашниот обезбедувач на Сашо Мијалков. Несреќата се случи во 2009 година на булеварот Партизански одреди, а првостепената пресуда беше донесена дури по пет години, во јуни 2014 година. Зекиров беше осуден на шест месеци затвор.

Големиот број од судските рочишта се одложуваа поради неприсуството на обвинетиот, но и поради изработката на дури три вештачења. Копјата се кршеа околу тоа дали Серафимовски го туркал велосипедот или го возел во моментот кога го минувал пешачкиот премин, а на крајот се докажа дека, сепак, го туркал.

ВОЗАЧОТ ПРЕКУ ПИСМО ИМ ИЗРАЗИЛ СОЧУВСТВО

Родителите на Фросина се надеваат дека казната побргу ќе го стигне вистинскиот возач што ја усмрти нивната ќерка, бидејќи, како што велат, барем толку им должат надлежните.

Тие се присетуваат и дека по еден месец од сообраќајката, на нивна адреса пристигнало писмо, кое уште повеќе ги збунило. Објаснуваат дека по ракописот се познавало дека е пишувано од повеќе лица, поради што се посомневале дека е напишано од возачот, иако на него стоел неговиот потпис.

Во писмото ни беше изразено сочувство и „возачот“ напишал дека подобро ќе било да не се нашол на тоа место во тој момент. Напишал и дека многу жали што ни го сменил животот, а со тоа и самиот си го сменил својот, велат од семејството на Фросина.

Тие додаваат дека доколку постои човечност кај вистинскиот возач, тој ќе се појави на судењето и ќе го прифати делото што го сторил.

Ние сме свесни дека ова не може да ни ја врати Фросина назад, но гневот што го чувствуваме во нас ја бара казната за него, истакнуваат ужалените родители.

Фросе, како што најчесто ја викале нејзините најблиски, беше бруцош на Електро-техничкиот факултет во Скопје. Заминала на студии од малото родно место во големиот град за да ги оствари своите соништа. Да стане инженер и гордост на своите скромни родители. За жал, нејзините соништа беа предвреме прекинати, како и на уште стотици граѓани, кои секојдневно го губат животот по македонските патишта.

Очигледно е дека засилената казнена политика за сообраќајните прекршоци, од неколку стотини евра, како и прескапите медиумски кампањи не ги направија возачите посовесни. И покрај тоа што имаше кампања за стотината црни точки низ земјава, кои постојано се посочуваат како причина за многу изгубени животи, таа не придонесе за намалување на црниот биланс. Македонија и во 21 век има тесни и неасфалтирани улици, патишта на кои со години зјаат дупки, необележани пешачки премини, автопати кои се полни со пречки, бидејќи се градат со години, и секако камери за кои се фрлија милиони, но по правило не работат кога треба да посведочат за некоја несреќа. Можеби наместо за нивното мижење, попаметно ќе беше парите да се искористеа за санирање на црните точки, со што ќе се спасеше нечиј живот.

На крајот, сепак најважен е човечкиот фактор. На секој што ќе седне зад воланот може да му се случи несреќа, но многу важно е дали возел со 50 или со 150 километри на час, дали бил под дејство на алкохол и дали ги почитувал сообраќајните сигнализации? Од одговорите на овие прашања ќе зависи дали се случила несреќа или, пак, станува збор за убиство. Покрај правилната истрага, важна е и брзината со која се спроведува истрагата. Бидејќи секоја задоцнета правда станува неправда.

Македонските патишта како гробница

Според статистичките податоци на МВР, минатата година 124 животи згаснале на патиштата низ земјава, а во 2013 година е поставен црниот рекорд, односно имало дури 198 жртви. Во 2012 година загинале 132 лица, а во 2011 година имало дури 172 настрадани. Годинава до април, животот во сообраќајки го загубиле 23 граѓани.

 

Поврзани новости