Арбен Фетаи – повратник од Белгија со амбиција да го подобри владеењето во Македонија!

Фетаи е роден во Куманово, но се образувал во странство. Има двојно државјанство – македонско и белгиско. Затоа, дел од опозицијата реагираше дека тој претставува опасност за државните и националните интереси. Наспроти тоа, Таравари го промовираше Фетаи како кадар со одлична биографија, кој привремено ќе ги остави работата и семејството во Белгија за да работи во македонската Влада. Тој, пак, ветува зајакнување на транспарентноста на институциите и подобрување на практиките на добро владеење.

by Фокус

Во новата Влада предводена од премиерот Христијан Мицкоски, втор партнер по големина и бројност е коалицијата ВЛЕН, составена од неколку албански политички партии, кои предизборно се обединија против ДУИ и значајно придонесоа Али Ахмети да се пресели во опозиција.

Од редовите на ВЛЕН, министерски позиции заземаа добро познати кадри. На пример, меѓу нив е вицепремиерот и воедно министер за екологија Изет Меџити, кој долги години беше градоначалник на Чаир и потпретседател на ДУИ, пред да одлучи да формира нова партија – Демократско движење.

Освен него, во Владата влезе уште еден политички лидер. Тоа е Арбен Тарававари, довчерашен градоначалник на Гостивар и старо-нов министер за здравство (оваа функција кус период ја вршеше и во 2017), кој пред изборите се разиде со долгогодишниот соработник Зијадин Села и сега двајцата водат правна битка за печатот на Алијанса за Албанците.

Што се однесува до лидерите на другите партии од коалицијата, првиот човек на Алтернатива Африм Гаши стана собраниски спикер и доби министер за европски прашања (Орхан Муртезани), додека лидерот на БЕСА Биљал Касами остана градоначалник на Тетово, додека неговата партија доби две министерски места.

Едното од нив е Министерството за социјала, демографија и млади, кое ќе го предводи Фатмир Лимани, познат како роднина на Ахмети, кој се судри со ДУИ и премина во БЕСА. Вториот ресор е Министерството за економија, кое ќе го предводи Бесар Дурмиши, доскорешен претседател на Советот на Општина Тетово.

Од сите луѓе на ВЛЕН на Илинденска, за најголемо изненадување се смета министерот без ресор, задолжен за транспарентност и добро владеење, Арбен Фетаи, кој е најмалку познат за пошироката јавност, но привлече големо внимание со неговата биографија, како и со одредени реакции.

Фетаи на координација кај Меџити.

КОЈ Е ФЕТАИ?

Фетаи е роден во Куманово во 1980-та година, но се образувал во странство. Поточно, дипломирал на политички науки на Бриселскиот слободен универзитет, а специјализирал надворешни односи на Институтот за европски студии во Белгија.

Тој важи за близок соработник на Таравари, го водел неговиот кабинет и му бил советник за надворешна политика. Кога неодамна го најави Фетаи како министер за транспарентност и добро владеење, Таравари рече дека тој ќе го остави семејството во Белгија за да министерува во земјава. Притоа, ја пофали и неговата биографија.

Живее во Брисел. Ќе се врати специјално барем 1 до 2 години да биде тука во Македонија. Мислам дека има најдобра биографија од сите што живеат во Македонија. Човекот ќе ја остави работата и семејството за одреден период да биде тука и да работи посебно на темата транспарентност – рече тој.

Во неговата биографија приложена до Собранието стои дека Фетаи има повеќегодишно искуство во меѓународни институции и фондации во Белгија и Косово, а од 2022 година работи како извршен директор на Институт за јавна политика „Арбен Џафери“ во Скопје.

Од 2021 година, пак, тој е глобален координатор за застапување на Стратешко партнерство финансирано од холандското Министерство за надворешни работи и спроведено од Aidsfonds во Брисел. Од 2010 до 2021 година работи и како Виш советник за ЕУ политика на проекти за застапување на глобалните фондови.

Исто така, работел и како надворешен советник на ЕУ проекти за градење капацитети на канцеларијата за евроинтеграции во Кабинетот на премиерот на Косово во периодот од 2005 до 2008 година. Инаку, има двојно државјанство – македонско и белгиско.

Биографија на Арбен Фетаи.

„РЕЗЕРВНА ТАТКОВИНА“

Токму работата надвор во земјава, пред се во Косово, како и фактот што самиот навел дека поседува и двојно државјанство, беше причина за жестока реакција на политичката партија Левица, од каде посочија дека работните ангажмани на Фетаи никогаш не биле поврзани со Македонија.

„Парламентарниот состав на ДПМНЕ за вицепремиер избра кадар кој не знае македонски јазик, ниту пак живее во Македонија. Професионалната политичка кариера на Фетаи секогаш му била врзана за интересите на косовските Албанци, додека националистичките политики секогаш ги водел заедно со најголемиот промотор на великоалбанската идеја, којшто минатата година вееше вакво знаме во Тетово – Албин Курти.

Кадровски решенија не можат да се гледаат поинаку, освен како кадровски адути кои треба да ја спроведат т.н. косовска платформа. Сѐ поочигледно е дека функционерите донесени на власт се стремаат да ја нормализираат горе споменатата необалистичка реторика и спроведуваат иредентистичка политика“, велат од Левица, додавајќи функционерите со државјанство на друга држава можат да бидат закана за државните и национални интереси на Македонија.

По ваквите напади на Левица и партискиот лидер Димитар Апасиев, реагираше Фетаи, истакнувајќи дека кога Апасиев го обвинува дека е „шпион на Курти“ тоа всушност е потврда дека се наоѓа на вистинскиот пат. Тој посочи дека ВЛЕН и косовската влада ќе бидат партнери и сојузници, а шпионите, како што рече, припаѓаат на филмовите од комунистичката ера.

Курти во нашиот регион го симболизира соборувањето на корумпираните влади со гласови и легитимитет. За мојот придонес за Ветевендосје Апасиев дозна од моето CV доставено до Собранието како предложен кандидат за вицепремиер за добро владеење и транспарентност. Таму нема што да се кријам, туку искуство кое ме обликува политички и е дел од моето минато со кое се фалам…

Сигурен сум дека Косово никогаш немало подобар премиер и Влада, а тоа ќе биде корист на целиот регион. Кога соседите напредуваат со демократијата, тоа добро влијае на нас. Исто како и подобрувањата што ќе ги донесеме во Северна Македонија, така позитивно ќе се одразуваат и на нашите соседи“, реагираше Фетаи.

Таравари и Фетаи.

ЕТИЧКО НИВО

Откако „360 Степени“ објави дека министерката за енергетика Сања Божиновска поседувала и бугарско државјанство, но тоа не го навела во официјалната биографија, Фетаи изјави дека двојното државјанство не е забрането со закон, а декларирањето на двојно државјанство е неопходно кога, како што вели, станува збор за етичко ниво.

Кога се работи за високи државни функционери би требало да е норма, односно добра практика која е инсталирана во владеењето затоа што овде нема ништо контроверзно или спорно особено кога се работи за пријателски земји. Земји како Белгија, други земји од ЕУ и НАТО, не гледам ништо што оправдува криење на таква информација. Во мојот случај, напротив, верувам дека ова е етички стандард и стандард за транспарентност што треба да важи за сите – вели Фетаи.

Исто така, тој деновиве реагираше и во однос на анкетата на Стопанската комора, која, според него, со конкретни бројки ги докажува епидемиските димензии на корупцијата во Владата која замина на СДСМ и ДУИ. Патем, тој најави безмилосна борба со ваквите појави.

Претставниците на оваа криминализирана власт во текот на изминатата година, во сите ешалони без исклучок, барале мито од 10-100.000 евра и разни услуги, од повеќе од половина од анкетираните фирми. Мито било побарано при постапките за добивање дозволи и согласности, при инспекциски надзор, во текот на царинска и тендерска постапка, дури и по неколку пати во текот на една година од исти фирми – вели Фетаи.

Кога ја преземаше оваа функција од претходничката Славица Грковска, Фетаи, меѓу другото, посочи дека тој како вицепремиер и владата ќе имаат 4 приоритетни оски на дејствување во областа на владеењето на правото: европеизам на правниот систем, бескомпромисната борба против корупцијата, кривична одговорност и заплена на кривични средства и целосна транспарентност на институциите.

Врвот на приоритетите на нашата влада ќе биде немилостивата борба против корупцијата и одговорност од страна на корумпираните. Нашата влада ќе донесе нова стратегија за зајакнување на институционалните капацитети за финансиска истрага и конфискација на криминално стекнат имот – порача тој, а времето ќе покаже дали неговите оптимистички најави ќе станат реалност.

Влатко Стојановски

Поврзани новости