По врнежите од дожд изминатите денови, во поширокиот дебарски регион паѓа снег, кој на повисоките населени места достигна повеќе сантиметри. Се препорачува внимателно возење поради влажните коловози.
– Сообраќајот се одвива непречено но по влажни коловози, на кои не се задржува снег. Нашите екипи се подготвени доколку има потреба да интервенираат. Имаме доволно абразивен материјал, сол и песок и нема никаков проблем. Сепак, поради влажниот коловоз, препорачуваме внимателно возење и строго почитување на сообраќајната сигнализација – изјави за МИА, Деар Лиманоски, раководител на дебарската секција на ЈП за одржување на регионални и магистрални патишта.
Под надлежност на дебарската секција се делницата Дебар-Жировница, на патот кон Маврово, Дебар-Глобочица, кон Струга, патот Мелнички Мост-Центар Жупа, кракот од Бошков мост кон селата од Мала Река, како и патот кон граничниот премин „Блато” или во должина од околу 120 километри.
И во кичевско во речиси сите селски населби врнеше снег кој се задржуваше на подлогата и на повеќе места се создаде снежна покривка од неколку сантиметри и која не беше пречка за нормално одвивање на сообраќајот, додека во пониските места и во градот врнеше дожд и лапавица.