Апелацискиот суд закажа јавна седница за случајот „Титаник 2“, во којшто е обвинет поранешниот директор на УБК, Сашо Мијалков, осум дена пред да му застари делото. Второстепениот суд објави соопштение за јавната седница која ја закажа за на 30 март.
-Апелациониот суд Скопје во интерес на јавноста и медиумите информира дека јавната седница пред судот, по кривичниот предмет КОКЖ-43/23, во јавноста познат како „Титаник“, е закажана за ден 30.03.2023 година во 11 часот и 30 минути, стои во соопштението на Судот.
Според информациите на „Фокус“ од Апелација, Вишото обвинителство веќе дало мислење за случајот. По одржувањето на јавната седница, се очекува Апелацискиот суд да донесе мериторна односно конечна, правосилна пресуда за обвинетите во овој случај.
–Имајќи го предвид членот 437 од Законот за кривичната постапка, поточно ставот 4 од истиот кој предвидува: Ако обжалената пресуда веќе еднаш е укината, тогаш второстепениот суд ќе одржи расправа и мериторно ќе одлучи по предметот, а со оглед да во конкретниот судски предмет веќе еднаш првостепената пресуда беше укината и по втор пат во тек е постапка по жалба, Апелациониот суд Скопје ќе треба да одлучи мериторно, велат од Коалицијата „Сите за правично судење“ за „Фокус“.
За овој случај пет години не беше донесена правосилна пресуда. Судењето започна во април 2018 година, осудителна пресуда од Кривичен беше донесена во март 2019 година, но Апелација во декември 2019 ја укина и го врати предметот на повторно судење.
Втората првостепената пресуда за „Титаник 2″ беше донесена на 23 јануари оваа година, непосредно пред застарувањето на делото за Мијалков. Кривичен побрза да го испрати предметот во Апелација, но оттаму им го вратија со образложение дека не бил испочитуван рокот за жалба од 15 дена. Кривичен,по рокот повторно го испрати предметот до Апелација. По мислењето од Вишото обвинителство, Апелација закажа јавна седница.
Кривичното дело за кое се гони Мијалков, „Примање награда за противзаконито влијание” застарува на 7 април годинава, затоа што дејствијата за кои се терети се до пет години затвор (апсолутна застареност настапува за 10 години). Тој се гони за учество во изборни нерегуларност на локалните избори во 2013 година.
Другите обвинети во случајот, пратеникот Мендух Тачи, поранешниот член на ДИК, Бедредин Ибраими, и уште тројца поранешни членови на ДИК немаат можност да се спасат со застарување. Тие се гонат за кривичното дело „Злоупотреба на службената положба и овластување“.
Според пресудата на Кривичниот суд, Мијалков, како и Тачи, беа осудени на две години затвор. Истата затворска казна им беше изречена и на обвинетите поранешни членови на ДИК, Бедредин Ибраими, Сашо Срцев, Влатко Сајковски и Анета Стефановска.
Според обвинението, Мијалков преку лидерот на ДПА, Мендух Тачи, нарачал да му наложи на сопартиецот од ДИК, Бедредин Ибраими, да гласа за поништување на регуларно гласање во избирачко место во Струмица, во корист на Васил Пишев од ВМРО-ДПМНЕ, на штета на тогашниот кандидат за градоначалник, Зоран Заев.
Фросина Факова-Серафиновиќ