Апелација ја потврди првостепената пресуда за случајот „Агент“, според која поранешниот разузнувач Слободан Богоевски, адвокатот Владо Пешликоски и претставникот на „Меркатор“, Митја Валич, се осудени на две години затвор, а три години за финансиски малверзации доби адвокатот Васко Томановиќ, објави порталот „Академик“.
За коментар веднаш го побаравме ексразузнувачот Богоевски, кој истакна дека се уште не ја добил одлуката на Аплеација.
-Од вас слушам дека Апелација ја потврдила пресудата. Јас се уште не сум известен, па затоа се додека не ја разгледам одлуката не можам да коментирам, истакна Богоевски.
Иако одлуката на Апелација е правосилна, сепак осудените нема веднаш да бидат однесени на издржување, бидејќи најпрвин мора сите да ја добијат на рака. Во меѓувреме се очекува истата да ја обжалат пред Врховниот суд.
Богоевски, како и дел од останатите осудени поминаа осум месеци во притвор, а оттаму излегоа минатата година, по донесувањето на првостепената пресуда.
Обвинетите покрај казната затвор, треба да платат оштета околу 950.000 евра, средства кои, според пресудата, се смета дека се стекнати со дејство на кривичните дела злоупотреба на службената положба и перење пари.
На последнообвинетите Даниела Трајковска и словенечкиот Ален Јегени, со пресудата на Апелација, им е потврдена условна осуда од две години доколку во наредните 4 години го повторат делото.
Судењето за „Агент“ траеше два месеца. Шесттемина обвинети се товареа дека преку фиктивни договори и фиктивни фирми ќерки на кипарски „Централ балкан инвестмент“ и словенечки „Меркатор“ переле пари. Тие го негираа обвинението и тврдеа дека со договорот за купопродажба на лацот со површина од 19.000 квадратни метри во близина на Спортскиот центар „Борис Трајковски“, ја спасиле Македонија од тужба пред арбитражен суд бидејќи продала земјиште што било за денационализација.