Апелациониот суд денеска го објави образложението за прифаќањето на прислушуваните разговори во случајот за нарачаните шамари во општина Центар, според кое прислушуваните разговори се дел од доказниот материјал, бидејќи со формирањето на Специјалното јавно обвинителство аудио записите од телефонските разговори се внесени во правниот поредок на Република Македонија.
Апелација утврди дека Основниот суд Скопје 1 го прекршил Законот за кривична постапка со тоа што ги отфрлил „бомбите“ како докази. Во решението на Апелација, се наведува со ЗКП е регулиран начинот на прибавување на доказите, а не начинот на нивното создавање или на нивната содржина, што е и правен стандард заради запазување на јавниот интерес.
-Со донесување на споменатиот Закон за јавно обвинителство за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите (Сл.Весник 159/15), за овој суд аудио – записите од телефонските разговори се внесени во правниот поредок на Република Македонија и врз нивна основа Јавното обвинителство за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите С. истражува кривични дела и гони сторители и истите стануваат дел од доказниот материјал, се вели во решението на Апелациониот суд.
Од Апелациониот суд додаваат дека без разлика како во конкретниот случај предметните аудио записи од телефонски разговори се создадени, истите се прибавени на законит начин и можат да се користат во постапката врз основа на законот за СЈО и Законот за кривичната постапка, кој ја регулира обврската за доставување на податоци на јавниот обвинител, во случајот надлежен да истражува и гони за кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на неовластеното следење на комуникациите, кому политичката партија му ги доставила овие снимки и други снимки, документи во електронска форма и писмени докази.