Апелацискиот суд им наложува на овластените службени лица од МВР, единицата за извиди и потраги, веднаш да го лишат од слобода осомничениот бизнисмен Сеад Кочан и да го спроведат на издржување мерка притвор во затворот во Скопје.
Ова е одлуката на Апелацијата, која денеска беше објавена во целост, а со која се потврдува притворот за Кочан.
Сопственикот на „Транс мет”, кој е првосомничен во случајот „Труст” на СЈО, се уште е во бегство, иако по него веќе една недела се трага со меѓународна потерница.
Судот потврдува дека тој се наоѓа во бегство и дека на 9 март годинава со возило ја напуштил земјава. Тоа е денот кога на Кочан Кривичниот совет му одреди мерка притвор, што укажува на можноста дека тој веднаш по дознавањето на одлуката, ја напуштил Македонија.
Неговиот адвокат тврди дека бизнисменот е на службен пат, а во меѓувреме најави дека ќе поднесе жалби за одлуката за притвор на повисоки судски инстанци.
Кочан се товари дека со фалсификувани документи наместил тендер во ЕЛЕМ од 17 милиони евра.