Апасиев: Талат Џафери е Че Гевара, од герила директно во Собрание

by fokus

Пратеникот од „Левица“, Димитар Апасиев, се обрати од собраниската говорница. Тој напрвин истакна дека се надева дека дружбата на пратениците нема да трае повеќе од две години, давајќи му рок на новиот владин состав.

Тој потоа се осврна на изборот на Талат Џафери за претседател, за што рече дека нема да го поддржи.

-Кога ќе го видам првопотпишаниот, за изборот на Џафери, узурпаторот Николче Димитров, станува јасно дека секаде мора да го има неговиот потпис. За него не знаеме дали е пратеник или министер. До 12 е пратеник, а од 14 часот е министер, или обратно, рече Апасиев, по што беше предупреден од Џафери, за начинот на кој ги изговара имињата на пратениците, по што Апасиев ја прифати неговата забелешка.

Тој потоа продолжи со пофални зборови за Џафери, дека бил подобар правник од претседателот Стево Пендаровски.

-Талат Џафери е нашиот Че Гевара, од герила дојде директно во Собрание. Му давам и 3:0 за толкување на Устав, наспроти претседателот на државата, Стево Пендаровски, дека не може да се свика распуштено Собрание, Собранието не е конституирано ако не е избран спикер и дека не може да се одложи самораспуштање на Собранието, рече Апасиев.

Потоа, Апасиев наброја неколку работи за кои смета дека потапил спротивно на Деловникот, за кој рече дека е швајцарско сирење.

-На крај му замерувам и што на оваа седница не презборе на македонски, кон почит на македонскиот народ, истакна Апасиев.

Поврзани новости