Aпасиев „неподмитливиот“ го искористи своето прво пратеничко прашање за да изврши притисок врз Министерството за култура да ја реновира неговата семејна куќа во Велес (особено вториот кат), обвини поранешниот пратеник, Павле Богоевски на социјалните мрежи и го објави прашањето кое лидерот на Левица, Димитар Апасиев го доставил до Собрание.
-Куќата на Аликарови е во сопственост на семејството на младиот профа од Велес. Тоа е објект кој е значително културно наследство и има реална потреба од реновирање и реставрација. Исто како што имаат уште најмалку десетина објекти во Велес и велешко, како и стотици други во државата. Факт е дека се потребни многу повеќе средства во оваа област, како што се потребни и во здравството, образованието и сл.
Но, за ова си има постапка која е во надлежност на Националниот Конзерваторски Центар. Во нормални услови, овие постапки можат да траат повеќе години, а во услови на пандемија, претпоставувам уште подолго.
Еден искусен правен експерт би требало да го знае ова, што значи дека свесно ја (зло)употребува говорницата во лични цели или уште полошо – доколку веќе има постапка пред Националниот конзерваторски центар – има цел да влијае во сопствена корист врз процедурата, напиша на Фејсбук, Богоевски.
Пратеничките прашања треба да се се одржат на 30 декември.