По овој закон би следел закон за решавање на спорот меѓу Мицкоски и Заев, рече Силјановска во Собранието за спорот Влада-Макпетрол

by fokus

Собранието со расправа за Предлог на закон за решавање на спорот помеѓу Владата и Макпетрол АД Скопје по пат на спогодба, по скратена постапка, ја продолжи денешната работата по дневниот ред на 20. седница.

Ова законско решение предвидува да му се признае на Макпетрол сопственост на 50 отсто од гасоводот во земјата и да му се исплати цена од 33 милиони евра.

Гордана Силјановска Давкова од ВМРО-ДПМНЕ го оцени предложеното законско решение како еден од серијата закони што ја убиваат правдата и ги прекршуваат основните начела на правото.

-По овој закон во Собранието би следел закон за решавање на спорот меѓу Мицкоски и Заев. Не може да има закон за спор зашто тој се решава со медијација и во судовите. Не смее Собранието да прерасне во квази суд, рече Силјановска Давкова и додаде дека Собранието е надлежно само за ратификации на договори.

За неа е недозволиво повикувањето на акти од минатото од 1987 година кои можат да се искористат како искуство и посочи дека институциите не треба да се затскриваат зад законот, туку да го решат спорот на начин каде и како што треба.

-Очекувам претседателот да се одважи и да стави вето ако го изгласате овој закон, рече Силјановска Давкова.

Во реплика министерот за економија Крешник Бектеши посочи дека треба да се прави разлика помеѓу номиналната и актуелната вредност на секое АД и додаде дека во 2006 година кога била основано АД ГА-МА номиналната вредност била 1500 денари за акција, а сега во моментов е 12 500 денари.

-Само гасоводот Клековце-Штип долг 61 километар чини 71 милион евра. Со изградбата на гасоводот како држава ќе добиеме поевтин енергенс и ќе се намали загадувањето на животната средина, а индустријата ќе стане поконкурентна на глобално ниво, рече Бектеши.

За расправа по текстот на законот се пријавени 37 пратеници од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата, а претседателот на Собранието Талат Џафери најави дека денеска ќе се работи до исцрпувањето на листата на сите пријавени за говор.

Поврзани новости