Апасиев оддаде почит на гробот на Eнвер Хоџа

by Fokus

Претседателот на Левица, Димитар Апасиев, и делегација од партијата положија цвеќе на гробот на албанскиот комунистички лидер, Енвер Хоџа, по повод 38-годишнина од неговата смрт.

„Под неговото четиридецениско владеење, Република Албанија, која беше оставена во руини после укинувањето на монархијата, зачекори кон изградба на нови темели. За време на неговиот живот успеа да ја трансформира Албанија од полуфеудален вилает на Отоманската империја во индустријализирана планска економија“, стои во објавата на Левица.

Од таму додаваат дека „како тогаш, така и сега искрената соработка помеѓу слободните балкански народи е можна само преку левичарски политички партии“.

„Новите геополитички прилики кои ги живееме, наговестуваат време на големи промени кон подобро и конечно ослободување на народите од Балканот од уназадувачкото слугување на туѓи интереси. Левица, во духот на интернационализмот, смета дека вистинската политичка еманципација и соживот помеѓу народите е можен само преку доследна социјалистичка платформа која ќе ги елиминира сите појавни форми на експлоатација и класно угнетување на соседните народи“, велат од Левица.

Инаку, историјата го памети Енвер Хоџа како диктатор кој ја ставил Албанија во политичка и економска изолација. Во негово време Албанија била една од најсиромашните земји во светот, поголемиот дел од населението живеело на работ на сиромаштијата. За време на неговото четриесетгодишно владеење религијата била забранета, граѓаните не смееле да патуваат надвор од земјата, а приватната сопственост била заменета со колективизација. Тој е заслужен за затворање, протерување и убивање на илјадници неистомисленици, интелектуалци, муслимански и христијански свештеници и селани кои се противеле на колективизацијата.

Поврзани новости