Расколот во партијата Левица се продлабочува, па од неодамна формирана е и нова фејсбук страна, паралелна со веќе постоечката, за која Димитар Апасиев обвини дека била киднапирана од мала структура во партијата. Левица е сега поделена на две крила, едното предводено од Димитар Апасиев, а другото од Здравко Савевски.
И двете крила со слични меѓусебни обвинувања. Савевски го обвинува Апасиев дека сака да ја претвори Левица во сателит на ВМРО-ДПМНЕ, додека од крилото на Апасиев велат дека обвинувањата се „ништо повеќе од евтин обид да се подрие борбата против штетните политики на СДСМ.“
Тиквата изгледа пукнала по Договорот од Преспа и уставните измени. Од тука потекнала поларизацијата во партијата.
Конфликтот уште повеќе го замрсуваат обвинувања и препукувања на членови на Левица преку социјалните мрежи. Па така партиската секретарка, Џејлан Велиу, го обвини Апасиев за мобинг.
На фејсбук таа објави предупредување пред бркање од работа, потпишано од Апасиев, поради незадоволство од нејзиното поведение. При тоа Апасиев и дава на партиската секретарка рок од пет дена да го подобри своето поведение, во спротивно ќе и биде врачен отказ.
„Точно е дека во последните два дена не одам на работа, бидејќи немам пристап до работните простории (официјалната канцеларија), а причина за тоа е нелегалното менување на бравата. Одговорно тврдам дека наведените причини во предупредувањето се лажни и можам да ги демантирам точка по точка. Имено, во случајот се работи за политички пресметувања со неистомислениците. Димитар Апасиев немајќи политички капацитет аргументирано да се бори за ставовите што ги застапува, превзема вакви гнасни и ниски мерки кон оние кои му се спротставија и не дозволија да тој од партијата направи националистичка партија“, напиша Велиу на својот фејсбук профил.
После долготрајниот мобинг во партијата на „трудот“ денес добив писмено Предупредување, каде Димитар Апасиев…
Publiée par Dzejlan Veliu Guevara sur Mardi 19 février 2019
Новата фејсбук страна на Левица, пак, денеска објави дека борбата продолжува. Од крилото на Апасиев потврдија дека бравата била сменета, по негово барање.
„Со цел да се заштити Партијата од координиран удар за нејзино преземање, бравата на канцеларијата беше легално променета (по барање на правниот застапник Д. Апасиев), при што беше констатирано и кражба на архивски материјал! Мора да се потенцира дека изминатиот период беа утврдени и малверзации во финансиското работење, поради што партијата и нејзиниот правен застапник се доведени во ризик да бидат казнети. Бидејќи минатото раководство во неговата опортунистичка борба со политичките неистомисленици не презеде никакви конкретни чекори за анулирање на откриените малверзации, беше иницирана постапка за промена на благајникот, додека не бидат целосно расчистени индициите за неодговорно финансиско работење“, соопштија од таму.
НЕ ДОЗВОЛУВАМЕ ИДЕЈАТА ЗА РАМНОПРАВНО ОПШТЕСТВО ДА ЗГАСНЕ ПОРАДИ ХИРОВИТЕ НА МАЛА ГРУПА ЛУЃЕ – ПРОДОЛЖУВАМЕ…
Publiée par Левица / E majta / Levica sur Mercredi 20 février 2019