Антониј, момчето што втрча на терен на Супер купот: Непланирано станав секс симбол!

by Fokus
Антониј Тентов, 19-годишното момче што на самиот крај на натпреварот помеѓу Манчестер Јунајтед и Реал Мадрид во вторникот, во Скопје,  втрча на теренот, на арената ,,Филип Втори’’ во шорц, без маица, со натпис Кики Роналдо на градите и Путин на грбот, стана една од најкоментираните личности во земјава и пошироко, со оглед на тоа што спортскиот настан беше пренесуван во 216 земји, на 280 телевизиски станици.
 
,,Фокус’’ разговараше со студентот кој што бил голем љубител на спортот, и вели дека влетувањето на теренот, пред фудбалерите и милионската публика пред ТВ екраните го доживеал како оставрување на голем сон. Но она на што не се надевал било дека ќе стане и еден вид на секс симбол и дека ќе започне да добива стотици пораки од девојки кои се воодушевиле од неговата постапка, но и од неговиот изглед.
 
,,Добив многу пораки, но ги следев и коментарите на социјалните мрежи. Телефонот постојано ми ѕвони, а во сандачето имам доста интересни пораки од многу девојки. Имаш убав задник, љубоморни сме на редарите што те претресуваа, згодничок си, и многу слични коментари буквално ме затекнаа, бидејќи не очекував нешто такво’’ – вели Антониј, кој се решил да скокне од четири метри височина, да претрча покрај редарите, и да влета на теренот, со цел да се поздрави со својот омилен фудбалер Роналдо, но и да направи нешто што ќе го помни цел живот. Сепак, признава дека му годи вниманието од понежниот пол.
,,На почетокот од моите блиски наидов на големи критики во негативна конотација. Но следното утро се смири состојбата. Сите сфатија дека јас живеев за тој момент и си го оставрив сонот’’ – раскажува навивачот, кој не сака да коментира околу настаните после средбата со редарите, кои го фатија и го изнесоа надвор од теренот, по што заработил и глоба.
 
,,Се сомневам дека ќе го направам повторно истото на друг фудбалски натпревар. Но на некој друг спортски настан, не знам, можеби’’ – се смее тој.
Вики Клинчарова

Поврзани новости