Антониа, од аеродром на матура – Девојката со ангелски глас повторно заблеска!

by fokus

Поп пејачката Антониа Гиговска, која беше дел од придружните вокали на Тамара Тодевска на Евросонг 2019, вчера славеше матура. Вчера наутро, речиси право од евровизиската сцена, таа заминала на аеродром помеѓу првите, со цел на време да пристигне дома за да се подготви за матурската забава. Токму поради тоа Гиговска не слета на аеродромот во Скопје заедно со Тамара и останатите од нашата делегација, бидејќи заминала назад од Тел Авив со првиот авион.

Од нашата евровизиска делегација ни ја потврдија веста. Велат дека се горди на Гиговска и на нејзината професионалност и посветеност.

-Славењето на матура е важен настан за секој млад човек, посебно за девојките кои одвојуваат доста време за да се подготват и да заблескаат таа ноќ. Антониа си ја одработи својата задача на Евровизија максимално посветено, и покрај тоа што знаеше дека наредниот ден ја чека долг пат и матурска забава. Замина со првиот авион, бидејќи брзаше да стигне на време, но таа е чудо од девојка, заблеска на својата матура и покрај тоа што периодов и беше исполнет со обврски и големи одговорности околу целиот настан. Не се важни годините, до личноста е, иако е доста млада, таа е одговорна и професионална девојка која знае што сака во животот – ни изјавија од делегацијата.

Младата пејачка станува се попопуларна во регионот. Лани победи на ,,Макфест”, а во Романија на фестивалот ,,Златен елен” го освои второто место. Годинава за нејзиното име слушна и Србија, откако со емотивни изведби го трогна жирито на натпреварот ,,Пинкови ѕвездички”. Тамошните медиуми ја опишаа како млада девојка со ангелски глас на која и предвидуваат блескава кариера.

Вики Клинчарова

Поврзани новости