Синоќа на градскиот плоштад во Кавадарци се одржа последниот настан од манифестацијата Тиквешки гроздобер 2022. Пред многубројните гости настапи младата поп пејачка Антонија Гиговска, а по неа пак, концерт имаше балканската музичка ѕвезда Горан Бреговиќ со неговиот Оркестар за свадби и погреби.
Гиговска која е присутна на сцената од 2017 година, за кратко време успеа да стане една од најпопуларните пејачки на нашата естрада. Во 2018 година го привлече вниманието на јавноста кога победи на фестивалот на забавни мелодии ,,Макфест”, а потоа во два наврати беше придружен вокал на наши евровизиски претставници.
Во Кавадарци настапи со авторски песни, но и со хитови на свои колеги од екс Ју сцената. Пред крај на настапот, таа отпеа и неколку српски фолк песни, и покажа дека добро се снаоѓа и во таа музичка област.
Беше дочекана и испратена со аплауз од присутните.
Бреговиќ пак, со чиј концерт заврши општинската манифестација, ја забавуваше публиката неколку часа.
Тиквешки гроздобер 2022 заврши со спектакуларен огномет, а во тек на тридневната манифестација градот го посетија голем број на гости.
Вики Клинчарова