Антикорупциската се „претегнала“ од работа

by lali

Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) во 2013 година поднела  7 иницијативи за кривично гонење, се вели во годишниот извештај на Антикорупциската.

Овие иницијативи биле поднесени по претставки од Државниот завод за ревизија, а ниту една иницијатива не е против висок функционер од владејачката гарнитура.

Доколку се разгледа годишниот извештај на антикорупционерите, се гледа дека тие се фалат на добрата соработка со медиумите и со нивната транспарентност.

Така барем пишува во годишниот извештај. Но, од досегашното искуство на новинарите, досега ретки се случаите некој да добие одговор на поставените прашања. Па така, доколку се обидете телефонски да ја добиете портпаролката на ДКСК Антонија Андонова (како што пренесе Вечер, таа е 40.000 член на градскиот комитет во Скопје од ВМРО-ДПМНЕ), таа веднаш ќе ви рече прашањето да го испратите по електронска пошта. Кога ќе го сторите тоа, одговор никогаш нема да добиете.

„Во однос на цврстата определба на ДКСК да „спречи корупција во медиумите укажуваме дека Комисијата треба своите активности да ги насочи кон иницирање постапка за утврдување на одговорност за десетиците милиони евра кои секоја година се испумпуват од буџетот за бројни кампањи, промоции и сл. (а чиј вкупен износ Владата го крие дури и од Брисел), со цел корумпирање на провладините медиуми и за политичко влијание врз нивната уредувачка политика, наместо да ја контролира имотната состојба на „раководниот кадар„ на малиот број независни и објективни медиуми, кои не се под капата на Владата и кои немаат никаков пристап до буџетскиот колач“, се вели во извештајот на Транспарентност – Македонија.

ТМ бара од Антикорупциската комисија својата активност да ја насочи кон сериозните сомневања за бројните корупциски скандали, злоупотреба на службената положба, расипничко трошење на народните пари, не пријавување на имотната состојба и огромното збогатување на високи функционери и други службени лица од владеачката гарнитура наспроти нивните редовни приходи, наместо да ги игнорира и придушува ваквите коруптивни практики.

На извештајот на Транспарентност – Македонија, веќе реагираше ВМРО-ДПМНЕ со остри напади кон еден од членовите на ТМ, Сашо Орданоски. Неизвесно е зошто владејачката партија удри токму по него, кога Орданоски не е претседател на оваа невладина организација, туку член на Управниот одбор кој брои 8 члена.

 

Поврзани новости