Комисијата за спречување на корупцијата пресече дека нема конфликт на интереси фирмата „Фероинвест“ чиј сопственик евицепремиерот, Кочо Анѓушев, да учествува на тендерот на државната ЕЛЕМ. Сепак претседателот на Антикорупциска, Игор Тантуровски, му порача на Анѓушев да се повика на својот морал и етика.
-Се согласувам со Анѓушев дека фирмата треба да продолжи да работи, дека таму има преку 800 вработени и дека тоа е нормална работа тие да продолжат да работат, но етичкиот и моралниот дел како заменик претседател на Владата треба да го носи самиот сопственик на фирмата. Е сега, дали фирмата треба да продолжи да работи со државата или може да работи со многу други приватни фирми, тоа е веќе дел од етиката – рече Тантуровски.
„Фероинвест“ инаку учествува на тендерот на ЕЛЕМ за набавка на гумени траки за потребите на РЕК Битола. Следната недела ќе се знае која фирма ќе го добие тендерот, откако претходните две аукции беа поништени. Вредноста на набавката е околу 4 милиони евра.
Анѓушев е сопственик на фирмата, но не и нејзин управител, поради што законот не ја спречува „Фероинвест“ да учествува на државните тендери.