Откако Фокус објави дека Управата за матични книги склучила договор за дигитализација вреден половина милион евра со фирма формирана пред само 3 месеци, предмет отвори Државната комисија за спречување на корупција и судир на интереси.
„Во врска со наводите објавени во врска со оваа постапка за јавна набавка, ДКСК отвори предмет по сопствена иницијатива и во тек е постапувањето по истиот, односно се прибираат податоци и информации со цел проверка на наводите и утврдување на фактичката состојба“, не информираа од Комисијата.
Како што веќе пишувавме, Управата од 2019 година наваму спровела неколку тендери за набавка на хардвер, софтвер и за дигитализација, чија вкупна вредност надминува 1,5 милиони евра.
Притоа, најголемиот договор од половина милион евра беше склучен во март годинава за скенирање списи и внес на податоци со компанијата „Новатек Инв“ во сопственост на Љирим Фетаи, која е формирана за трговија на големо еден месец пред објавувањето на огласот за тендерската постапка и само 3 месеци пред склучувањето на договорот за јавна набавка.
Инаку, друштвото било единствен учесник во тендерската постапка, при што доставило понуда и потоа склучило договор во износ идентичен на проценетата вредност на набавката, која патем не била објавена во огласот.
Во меѓувреме, овој тендер го проблематизираше и албанската опозиција, која побара надлежните органи да постапат, бидејќи, според нив, се работи за коруптивна зделка меѓу институција раководена од кадарот на ДУИ Бујар Дардишта и фирма поседувана од син на македонски амбасадор.
Исто така, се обративме и до Јавното обвинителство, но досега не добивме одговор дали постапуваат во врска со овој случај.
Влатко Стојановски