Заврши истрагата за „Плацевите на Водно“, наскоро обвинение

by fokus

Истрагата за случајот „Плацевите на Водно“ е завршена, поради што и наскоро се очекува обвинение. Како што дознава „Фокус“, известувањето за завршена истрага е веќе готово и сега се доставува до осомничените и нивните бранители.

Оваа истрагата, пред шест месеци ја отвори обвинителството, „Плацевите на Водно“ потекнува од згаснатото СЈО. Обвинителката Лиле Стефанова ја водела предистрагата, а предметот и понатаму е во нејзините раце. Освен екс премиерот Никола Груевски, осомничени се и неговиот кум Ристо Новачевски, неговиот братучед, екс директорот на УБК Сашо Мијалков, бизнисменот Орце Камчев, мајка му Ратка Камчева и Ненад Јосифовиќ.

Откако ќе го примат известувањето, тие имаат рок од 15 дена евентуално да предложат изведување на нови докази, по што ќе биде изготвено обвинение.

Според обвинителството, од 2006 до 2012 година, Груевски како претседател на ВМРО-ДПМНЕ, дел од партиски донации што ги добивал лично или преку општинските комитети, ги задржувал за себе, па така прибрал најмалку 1,3 милиони евра. Од октомври 2012 до септември 2013 година, парите ги потрошил со купување градежно земјиште на Водно, поточно на зафатот веднаш над Панорама, односно во местото викано Шербетница. Но за време на истрагата беа откриени и уште два нови стана и ново градежно земјиште, кои од неодамна на барање на обвинителството се замрзнати.

-Врз основа на опсежна истрага, дојдено е до откривање на два нови стана и плац од 3. 000 квадратни метри на Водно. За овие е издадена мерка забрана за нивно отуѓување додека трае оваа постапка – рече неодамна обвинителот Љубомир Јовески.

За тајниот имот на Груевски веќе пишуваше и неделникот „Фокус“.

Валентина Вурмо

Поврзани новости