Антикорупциска отвори постапка за унапредувањата и именувањата на Иванов во Армијата

by fokus

Антикорупциската комисија отвора предмет за предизборните унапредувања и именувања во Армијата што минатата недела ги потпиша претседателот Ѓорге Иванов, пренесе „360 степени“.

Станува збор за шест укази кои ги потпишал Иванов, а според објавата во Службен весник на Република Северна Македонија, тој се потпишал како претседател на Република Македонија.

„Следејќи ги именувањата сметаме дека има доволно материјал да се отвори постапка“, вели Билјана Ивановска, претседателка на ДКСК.

Министерката за одбрана нема да ја продолжи постапката за испраќање воен претставник во НАТО и аташе во Франција, повикувајќи се на законски рестрикции во предизборен период.

„Владата и Министерството за одбрана целосно ќе ги почитуваат овие одредби и принципи“, велат од Министерство за одбрана на РСМ.

Кабинетот на Иванов има свое објаснување:

„Станува збор за редовна обврска која е во делокругот на непречено функционирање на државата“, велат од таму.

Иванов не гледа проблем во тоа што во НАТО го испраќа својот поранешен личен аѓутант, Мирче Ѓоргоски.

На 26 февруари, со веќе распишани претседателски избори, во Службен весник се појавија шест укази од претседателот Ѓорге Иванов за унапредувања и именувања во армискиот врв. Началникот на генералштабот, Васко Ѓурчиновски, е унапреден во генерал-потполковник, Драган Ковачки е поставен за командант на Првата механизирана пешадиска бригада, Бесник Емини е поставен за началник на штаб во Здружената оперативна команда, бригадниот генерал Мирче Ѓоргоски се поставува за постојан воен претставник во НАТО, а полковник Маријо Јуришиќ за воено аташе во Франција.

Во министерството за одбрана сметаат дека е неприфатливо овие именувања да се прават во предизборен период, особено, како што велат, на два месеца пред истекот на мандатот на претседателот.

„Министерството за одбрана нема да ја продолжи во предизборниот период процедурата за упатување во странство на споменатите личности. Неслучајно Министерството го достави предлогот за упатување на одбранбено аташе во Франција на 30.11.2018 година, што значи доволно пред распишување на изборите и во сите контакти со претседателот на државата напоменуваше дека процедурата треба да заврши до 8 февруари 2019, што за жал не се испочитува“, велат од Министерството за одбрана.

Поврзани новости