Државната комисија за спречување на корупција ќе добие пет нови членови од вкупно седум, доколку на наредната собраниска седница пратениците ги прифатат имињата кои што вчера ги предложи Собраниската Комисија за прашања на изборите и именувањата.
Се очекува изборот на новите членови да се случи во вторник на 14 март.
Во новиот состав нема ниту еден од претходните претседатели на комисијата Ѓорги Сламков, Љубинка Корабоска и Мирјана Димовска, додека од Антикорупциска ќе заминат и Љубинка Муратовска Маркова и Зоран Додевски. Старо-нови членови ќе бидат Фарие Алиу и Сејди Халили.
Како сосема нови членови на Државната комисија за спречување на корупцијата се предлажени Горан Миленков, адвокат од Скопје, Игор Тантуровски, доктор на економски науки од Скопје, Најдо Спасевски, адвокат од Скопје, Сузана Таскова Аџикотарева, магистер по казнено право од Скопје, Жаклина Данчевска, магистер по деловно право од Прилеп.
Претседателот на Антикорупциска се избира од страна на членовите, на првата седница на Комисијата.
Стариот состав честопати беше критикуван поради затвореноста за јавноста, а ќе остане запаметен и по тоа ше не откри ниту една афера на власта. На веб сајтот на Комисијата се уште не е објавен ниту последниот годишен извештај за нивната работа.