Во базата на Државната комисија за спречување на корупцијата повеќе не можат да се најдат анкетните листови на доскорашните министри Гордана Јанкулоска и Миле Јанакиески, како и првиот човек на УБК, Сашо Мијалков, кои беа повлечени по престанокот на нивната функција. Иако овие функционери веќе се поранешни, сепак нивниот имот се уште треба да е на увид на јавноста, бидејќи и по престанокот на функцијата, имаат законска обврска да поднесат анкентен лист, за да се направи споредба со колку капитал дошле, а со колку капитал заминале од функцијата.
Од Државната комисија за спречување за корупција не одговараат на телефонските повици од „Фокус“, од каде што должат објаснување за јавноста дали поранешните функционери доставиле нови анкентни листови и доколку доставиле зошто не се објавени на сајтот на Комисијата? На службениот мобилен телефон со месеци не одговора ниту портпаролката Антонија Андонова.
Експертите се децидни дека и по повлекување од функцијата, функционерите имаат законска обврска според која и по престанок на функцијата, во рок од 30 дена мора да достават нов анкетен лист, една копија во Државната комисија за спречување на корупцијата, друга во Управата за јавни приходи. Имено тоа е анкетен лист кој треба да ги содржи комплетните податоци за имотната состојба и промените во неа.
-Поднесувањето на анкетниот лист не е на доброволна основа, туку е законска обврска и за поранешните функционери, дециден е поранешниот антикорупционер Драган Малиновски.
За непочитување на законската обврска, односно за непријавување или лажно пријавување на имот, предвидени се казни од 500 до 1.000 евра.