Антикорупциска ќе ги проверува кандидатите за членови на Советот на АВМУ и на МРТ

by Fokus

Собраниската Комисија за прашања на изборите и именувањата на денешната седница ги утврди листите на кандидати доставени на јавни конкурси за избор на членови на Советот на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (АВМУ) и на Програмскиот совет на Македонската радиотелевизија (МРТ).

Како што соопшти на седницата претседателот на Комисијата Илија Димовски, на конкурсот за АВМУ се пријавиле 28 кандидати, од кои сите ги исполнуваат формално – правните услови да продолжат во наредните фази од процесот на изборот. За програмскиот Совет на МРТ кандидатура поднеле 19 лица, од кои 18 ги исполнуваат формално правните услови и продолжуваат во наредните фази од процесот.

Утврдените листи се условни и пред да бидат упатени на јавна расправа кандидатите треба да бидат проверени од страна на Антикорупциската комисија која треба да достави советодавно мислење за секој од нив дали ги исполнува условите за непостоење судир на интереси утврдени согласно законските услови.

Меѓу кандидатите за членови на Советот на АВМУ има дипломирани економисти, правници, професори по филозофија, филолози, магистер по информатички науки, дипломиран електроинженер, доктори на науки, комуниколози, новинари, политиколози. Од имињата на кандидатите кои беа прочитани на седницата, дел се познати во јавноста, како што се: Сефер Тахири, Климе Бабунски, Снежана Трпевска, новинарите Насер Селмани, Даут Даути, Стојанче Наумов-Столе и Љубиша Николовски.

На листата од 18 кандидати кои ги исполнуваат формално правните услови за Програмскиот совет на МРТ, пак, најбројни се новинари, но има и машински инженер, актер и историчар на уметноста. Од позвучните имиња се Веле Митаноски, Горан Михајловски, Јасмина Миронски, поранешната пратеничка Флора Кадриу и историчарот на уметност, ликовен критичар и културолог Златко Теодосиевски.

Советот на АВМУ брои седум члена, а Програмскиот совет на МРТ треба да брои 11 члена. Гласањето кое е трета фаза од процесот за избор на членови во овие две тела треба да се изврши со двотретинско мнозинство.

Инаку, се очекува седницата за јавната расправа да биде закажана по одморите  и откако ќе биде добиено мислењето од Антикорупциска.

На денешната седница беа разгледани уште пет точки со кои беа утврдени Предлог-одлуки за изменување на одлуките за избор на член на делегацијата на Собранието на РСМ во Парламентарниот комитет за стабилизација и асоцијација и за именување на член на Националниот совет за евроинтеграција по предлог на претседателот на државата.

Комисијата овие одлуки ги донесе по едночасовната пауза и усогласување на ставовите меѓу власта и опозицијата откако првично не помина предлогот на владејачкото мнозинство точките по однос на утврдување на листите на кандидати за Советот на  АВМУ и Програмскиот совет на МРТ да бидат разгледани први на седницата. Во оваа Комисија мнозинството го има опозицијата откако пратеникот од Беса, партија која порано беше на страната на власта сега делува опозициски.

Комисијата утре ќе продолжи по останатите точки од дневниот ред од 24-та и 17-та седница.

Поврзани новости