Антикорупциска истражува судир на интереси кај Тунески, член на Регулаторна

by fokus

Антикорупциска истражува судир на интереси кај членот на Регулаторната комисија за енергетика Атанаско Тунески. Барањето стигнало од енергетска компанија од земјава, јавува ТВ Телма. Во пријавата стои дека има сомнеж дека Тунески го прекршил Законот за спречување на корупција и судир на интереси. Како член на Регулаторна која носи одлуки, дава и одзема лиценци, врши надзор врз енергетскиот пазар, Тунески поседува и акции во енергетска компанија. Од Антикорупциска велат ќе ги испитаат сомнежите, и ако се потврдат ќе бараат од Собранието да го разреши.

Антикорупциска треба да испита како е можно Тунески како член на РКЕ кој е должен да учествува во работата и одлучувањето на седниците на Комисијата, истовремено да има увид во работата на енергетска компанија каде поседува 10 обични акции. Дали го прекршил Законот за спречување на корупција и судир на интереси прикривајќи дека има приватен интерес во енергетска компанија кој не го навел прецизно во анкетниот лист.

Во пријавата стои дека согласно Законот службено лице не може во текот на мандатот, како и во рок од три години по неговиот престанок да стекне по која и да е основа и во кој и да е облик акционерски права во правно лице врз кое органот во кој работи, врши надзор.

Енергетската компанија се повикува и на Законот за енергетика во кој има специјален дел за судирот на интереси. Таму децидно е прецизирано дека член на Регулаторната не може да биде акционер во компании кои имаат лиценца за вршење на енергетска дејност.

Поврзани новости