Собранието на денешното продолжение на 115-тата седница го заврши општиот претрес по Предлог-законот за изменување на Законот за утврдување на јавен интерес и номинирање на стратешки партнер за имплементација на проектот за изградба на Коридор 8 и Коридорот 10д , по скратена постапка, кој е последен од петте измени на закони потребни за реализација на договорот со „Бехтел и Енка“. Гласањето дополнително ќе биде одредено.
Пратеникот Владо Мисајловски од ВМРО-ДПМНЕ во текот на расправата праша како е возможно договорот за реализација на автопатите од коридорот 8 и 10д да го добие Антикорупциската комисија, а не можат да го видат пратениците кои треба да гласаат за законските измени потребни за нивна реализација. Порача дека никој не знае какви меѓународни правила на изградба ќе има овој договор за коридорите.
„Договорот е скриен и не може да се види дали има пресметка или не. Власта сака да го суспендира законот за градење, целата фела е против, коморите се против, сите бараат јавна дебата, а Владата бега од дебата за коридорите. Ова не е добро бидејќи поминуваат со европско знаменце и во иднина секоја влада на тој начин ќе може да помине кој било закон“, рече Мисајловски, и додаде дека е за изградба на автопати, но е против носење на закони спротивни на Уставот.
Пратеникот Здравко Трајанов од истата партија рече дека цената за изградба на овие автопати е многу висока и е повисока од сите досегашни искуства во земјава и во околните држави.
„Цената за изградба на коридорите во ниту една ситуација нема да биде пониска од сегашната. При тоа цената не претставува клуч на рака и е отворена што покажува дека во иднина ќе расте. Покрај тоа, државата ќе плати многу дополнителни трошоци со земање на поскапи кредити, што ќе значи минимум уште една милијарда дополнителни импликации во Буџетот. На крајот цената за овој проект со другите дополнителни трошоци ќе изнесува помеѓу 2,8 и три милијарди евра што се премногу пари за 110 километри автопат од кои педесет отсто се постојни патишта кои малку треба да се прошират и се во рамничарски крај“, рече Трајанов.
Тој додаде дека договорот е со многу обврски за Владата и без никакви обврски за изведувачот.
„Со овој закон се штитат криминални интереси во владата на Ковачевски и на Груби. Пакет закони што се менуваат. Опозицијата побара договорот да биде објавен во службен весник. Уставниот суд вели дека на начин на кој што е донесен законот се суспендира само законот за јавни набавки додека остануваат останатите закони. Со ова се менува и Законот за акцизи, процедури при царинското постапување, се дерогираат на штета на јавниот интерес за владата на Груби и Ковачевски да може да си купи уште некој ден, да можат финансиски да се обезбедат, па да живеат некаде по белиот свет“, рече Лефков.
Пратениците од опозицијата забележаа дека со тоа што договорот се држи во тајност има сомнежи за висока корупција и дека според договорот нема изведувачот да ги плаќа евентуалните грешки во проектот, туку државата.
Златко Пенков од ВМРО-ДПМНЕ посочи дека автопатите од коридорот 8 и 10д можат да се наречат автопат до пеколот, бидејќи македонските граѓани ќе платат превисока цена за лагоден живот на мала група луѓе и додаде дека со овие пари може да се изградат дополнителни 100 километри автопат.
“За автопатот од Демир Капија до Смоквица што го градеше грчки Актор, од банкарската сметка на Актор од македонските банки незаконски беа извлечени 3,5 милиони евра преку добро разработена шема и секој месец во Неготино стигнувале автобуси со граѓани кои требало да извадат одредена готовина. Автопатот што се градеше со европски пари, 40 милиони евра грант од ИПА фондовите и 200 милиони евра заем од ЕБОР заврши со казна од 50 милиони евра за изведувачот Актор од страна на Европската агенција за борба против криминалот“, реплицираше пратеничката од СДСМ Даниела Николова.
Борислав Крмов од Левица посочи дека истата фирма ќе го гради моравскиот автопат во Србија кој исто така е долг 110 километри, но за многу пониска цена отколку кај нас.
„Таму истиот конзорциум ‘Бехтел и Енка’ има договор од 745 милиони евра или за 540 милиони евра помалку отколку кај нас за ист број на километри. Договорот кај нив е јавен, рече Крмов, и додаде дека тоа е сомнителен козорциум, особоено во американскиот дел, бидејќи во 2014 година извршниот директор на „Бехтел“ бил осуден од судот во Њујорк за мито од 5,2 милиони евра за местење на тендер во Египет.