Државната комисија за спречување на корупцијата по изборите ќе разгледа како поранешниот скопски градоначалник Коце Трајановски станал сопственик на нова куќа во населбата Керамидница, објави БИРН.
БИРН неодамна објави дека Трајановски, кој раководеше со главниот град во два мандати од 2009 до 2017, девет месеци по повлекувањето ја купил фирмата „Природна органска храна“ од Скопје, во чија сопственост била семејната куќа од речиси 400 квадратни метри, во која планира да живее со семејството откако ќе се довршат градежните работи.
Претседателката на ДКСК, Билјана Ивановска, за БИРН вели дека комисијата била запознаена со информациите што биле објавени, но тие ќе може подетално да се разгледаат по претседателските избори.
„Следната седница што ќе ја имаме, ќе биде за приговорите во врска со изборите. Имаме многу обврски со претседателските избори во овој период. Но, на наредната седница кога ќе се отвораат предмети, ќе може да го разгледаме и овој“, вели Ивановска.
Антикорупционерите ќе проверуваат како Трајановски го стекнал имотот, почнувајќи од тоа што сѐ поседувал во моментот кога ја напуштил позицијата, за да утврдат дали има несразмерни разлики во имотната состојба.