Иницијатива на жени од Шуто Оризари: До кога правото на здравје за Ромките ќе постои само на хартија?

by fokus

И овој 8 април, ние, жените од Иницијативата на жени од Шуто Оризари, го одбележуваме Меѓународниот ден на Ромите алармирајќи за пречките со кои и ден-денес се соочуваат Ромките во нашата држава. Пречките не можеме да ги доброиме, но низ годините јасно станува дека најголеми меѓу нив се невработеноста и немањето пристап до услуги за репродуктивно здравје, велат од Иницијатива на жени од Шуто Оризари.

„Незаконската наплата и неефикасните мерки од Програмата за активна заштита на мајки и деца значително им го обременуваат секојдневниот живот особено на Ромките и потврдуваат дека во Македонија и натаму не им се гарантира правото на здравје на жените во репродуктивен период.

Последната Карта со оцена од заедницата, истражување што Иницијативата на жени од Шуто Оризари го спроведе по седми пат на територијата на Шуто Оризари, укажа дека сите 100 опфатени испитанички се невработени и дека дури 82% од оние во репродуктивен период платиле за ЕХО-преглед кај својот матичен гинеколог иако оваа услуга им следува бесплатно.

И покрај низата мерки предвидени со Програмата за активна заштита на мајки и деца за 2018 година, кои требаше да им го олеснат пристапот до здравствени услуги на маргинализираните и ранливите, истражувањето покажува дека:

  • 40% од жените без здравствено осигурување платиле за лабораториски анализи во текот на бременоста и за породувањето иако овие услуги им следуваат бесплатно,
  • само 16% го искористиле правото на бесплатна фолна киселина,
  • само 11% од бремените жени биле посетени од патронажни сестри во текот на бременоста,
  • дури 12% од бремените жени се малолетни.

Токму затоа, бараме од Министерството за здравство и од Фондот за здравствено осигурување конечно да го решат долгогодишниот проблем со незаконската наплата на бесплатни здравствени услуги кај матичните гинеколози и да го подобрат спроведувањето на мерките од превентивните програми наменети за жените во репродуктивен период.

Апелираме до државата и до Министерството за труд и социјална политика да им дадат приоритет на сите социјално ранливи категории на граѓани при „кроењето“ на мерките за вработување, а особено на Ромите кои ѝ припаѓаат на најмаргинализираната група на граѓани во државава.

Инаку, зошто би им го честитале Меѓународниот ден на Ромите?“, додаваат од Иницијативата.

Поврзани новости