Државната комисија за спречување на корупција ќе проверува како лидерот на Алијанса за Албанците и градоначалник на Гостивар Арбен Таравари го стекнал имотот во скопско Тафталиџе, откако оваа тема беше актуелизирана за време на собраниската расправа за избор на нови министри од редовите на Алијанса, која одлучи да влезе во владата на СДСМ и ДУИ.
„Државната комисија за спречување на корупцијата на колегиумот одржан на 24.02.2023 година, по сопствена иницијатива, оформи предмет за проверка на наводите дека градоначалникот на општина Гостивар Арбен Таравари купил недвижност во Скопје од друг јавен функционер, за сума помала од пазарната“, не известија од ДКСК.
Откако пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ Александар Николоски во Собранието го обвини Таравари дека куќата ја добил на подарок поради тоа што ја трансформирал АА од опозициска во владејачка партија, се обративме до Таравари, кој ни изјави:
„Куќата е купена во 2021 година, постапката и документацијата за купопродажба е во целост чиста. Имаме и доста за реновирање, а кредитот, здравје, ќе го плаќаме подолго време. Ве канам на кафе во својот дом и да видите за што станува збор…“.
„Фокус“ продолжи да истражува на кој начин и од кого Таравари го стекнал овој имот. Па, врз основа на проверките што ги извршивме во Катастарот на недвижности и документацијата што ја обезбедивме, објавивме дека лидерот на АА овој имот во 2021 година го купил од економистката во нафтената компанија „Пуцко Петрол“ Љупка Јахоска и од пратеникот од ДУИ Исмаил Јахоски.
„Фокус“ открива: Како Арбен Таравари стекна имот што претходно го поседувал Исмаил Јахоски од ДУИ?
Притоа, дојдовме до историскиот преглед на извршените запишувања на катастарската парцела 1432/2, која го опфаќа земјиштето и објектот во моментална сопственост на Арбен Таравари. Како што произлегува од историјатот со кој располагаме, Таравари стекнал сопственичко право во 2021 година по пат на договор за купопродажба.
Според историјатот, ова парцела со број 1432/2 се формира во 2009 година, кога практично се дели парцелата со број 1432, која дотогаш е во сопственост на повеќе членови на семејството Чинго. Поточно, оваа парцела е во сопственост на Огнен Чинго, кој во 2013 година им го продава имотот на Љупка Јахоска, како и на уште лице со истото презиме – Иса Јахоски.
Тие поседуваат по една половина од овој имот се до 2017 година, кога Иса Јахоски својот дел го отстапува, односно му го подарува на Исмаил Јахоски, пратеник на ДУИ, чие семејство ја поседува нафтената компанија „Пуцко Петрол“. Неколку години подоцна, односно во 2021 година, единствен сопственик на имотот станува Таравари.
Иако Арбен Таравари првично ни велеше дека нема информација дека имотот порано бил во сопственост на Јахоски, официјалната документација потврдува дека тој купил имотот од пратеникот на ДУИ Исмаил Јахоски и од економист на семејната нафтена компанија „Пуцко Петрол“ – Љупка Јахоска, која, како што претходно објавивме, моментално го поседува соседниот плац и објект.
Според анкетниот лист на Таравари, тој имотот го купил за 150 илјади евра, но се правдаше дека објектот има доста за реновирање. Патем, посочи дека за оваа цел земал банкарски кредит, додека опозицијата преку Николоски изрази сомнеж дали воопшто е реализирана ваква реакција.
Инаку, како што не информираа од ДКСК, Таравари на 24.09.2021 година до Комисијата поднел образец за пријавување на промена на имотната состојба, во кој, како што посочуваат, пријавил дека се стекнал со куќа во Скопје со површина од 261 квадратни метри во вредност од 9.254.250 денари.
Влатко Стојановски