Текстот е објавен на 25-ти март 2011-та во неделникот „Фокус“ во бројот 821
Пишувал
Стојан АНДОВ
Поради оваа зовриена, но и крајно заморна политичка атмосфера во земјата, можеме да останеме заслепени пред некои важни појави кои можат да имаат долгорочно дејство на нашата иднина. Една од тие појави која од време на време се појавува, а и овие деновиве тоа се случува, е антиамериканизмот кај нас. Понекогаш тој избива „спонтано“ а овој пат неговата појава има непосредна врска со нашата власт, поради фактот што изјавите потекнаа од амбасадорот Ристо Никовски.
Антиамериканизмот е штетна појава, бидејќи тој е во спротивност со искуствата на нашиот народ во кои нема основа за тој да се закорени. Има многу факти кои се присутни во историското памтење на Македонците, кои јасно ја илустрираат долгорочната американска политика на помош и поддршка на нашата земја и на нашиот народ.
Како потврда на тоа ќе наведам некои мои и сеопшти искуства на Македонците, кои го илустрираат посебниот однос на Американците и на САД како држава, кон Македонскиот народ и нашата држава. Ќе се задржам само на оние факти од минатото, кои на многу конкретен начин допреле до многу граѓани во нашата земја и за нив претставуваат лично доживување на непосредната и обемна американска помош и поддршка.
За оние кои припаѓаат на постарите генерации и не е потребно да ги наведувам тие факти, но, за генерациите што на овој свет дошле многу подоцна, неопходно е сепак да ги спомнам, за тие луѓе од бројните повоени генерации да добијат појасна слика за непосредното минато на нашиот народ и нашата земја.
КОГА НЀ НАПАДНАА ВОШКИТЕ
Во нашата историска литература добро е обработена фазата кога Американците и Англичаните воспоставуваат односи со Народноослободителната антифашистичка војска на Македонија и со партизанските единици кои и претходеа. Исто така, обработен е и односот на Американците кон државотворната активност на АСНОМ и формирањето на органите на власта.
Но, тие сознанија се од научен карактер и не се доволно присутни во пошироката општествена свест. Затоа може да се рече дека кај широките слоеви во нашето општество нема доволно сознание за значењето на позитивниот однос на САД кон процесот на настанување на Република Македонија во 1944 година. За разлика од тоа, многу пошироко е сознанието за материјалната помош што веќе во почетокот од основањето на нашата држава почна да доаѓа од Америка. Бидејќи припаѓам на генерациите кои уште како деца, го паметат тоа време, ќе потсетам на неколку важни примери.
Пролетта 1945 година, кога бев на десет годишна возраст, ние децата во училиштата во Кавадарци ги делевме зградите со војниците на армијата, чии единици се враќаа од завршните борби против остатоци од фашизмот. Ние децата, пак, само неколку месеци пред тоа, бевме распрснати по селата во планинските предели околу Кавадарци, бидејќи пред тоа градот беше гранатиран од германската артилерија од патот Дреново-Градско, а исто така и од железничката пруга Демир Капија-Градско.
Кој знае дали ние од селата ги донесовме, или, пак, војниците од краиштата каде што војуваа, како и да било, така помешани и војниците и ние учениците, набрзо зовревме од вошки. За десетина-петнаесет дена сите без исклучок добивме вошки и тоа можеше да се забележи не само по непрестаното наше чешање, туку и по нашиот загрижен изглед.
Ние, децата, почнавме да слабееме, а кај некои се јави и бледило. Бидејќи вошките се преносници на опасната болест пегав тифус, и старо и мало беше зафатено од страв да не се повторат некои стари времиња и масовно не се појави таа страшна болест. Така тоа траеше можеби месец, месец и пол, кога во нашето училиште дојде еден офицер, а потоа учителките ни кажаа дека за неколку дена вошките ќе бидат уништени и сите ќе се ослободиме од нив.
Во понормални времиња, дури и за време на војната, а особено пред неа, во Кавадарци преставуваше срам, ако некој или некое семејство имаат вошки. Но овој пат нашата радост за ослободувањето од вошките, не беше поради срамот, туку најмногу поради стравот од можната заразна болест.
И навистина, за неколку дена во училиштето дојде една група војници со знаци на црвен крст на раката и брзо ни издадоа неколку наредби. Сите машки деца нѐ истрижија, нѐ соблекоа и, одвоено алиштата, одвоено нас, нѐ посипаа со бел прашок кој интензивно и непријатно мирисаше. Тоа го повторија неколку пати и потоа ни дозволија да се облечеме и да си одиме дома. Истата постапка ја направија и во домовите на нашите семејства. Тогаш навистина се случи чудо: вошките ги снема од нас и од нашите алишта. Учителките тогаш ни кажаа дека целата програма на уништување на вошките, хемиските средства и обуката на луѓето е помош од Америка.
ЈАДЕВМЕ ТРУМАНОВИ ЈАЈЦА
Од вошките се ослободивме, но таа пролет и раното лето во 1945 година, за последен пат населението и ние децата доживеавме уште едно здравствено малтретирање и измачување. Американскиот прашок нѐ ослободи од вошките, но, речиси до јуни месец, масовно нѐ тресеше треска од маларија. Таа, маларијата, секоја пролет и секоја есен неизоставно го напаѓаше населението.
Од неа некои деца, што тешко ја поднесуваа, добиваа и други болести, а немалку од нив добиваа трајни оштетувања на црниот дроб или некои други органи. Само тој што не прележал маларија, не знае каква застрашувачка и исцрпувачка е таа болест, особено за децата. А за старите и изнемоштени луѓе таа често преставуваше и смртна опасност.
Реков дека пролетта 1945 година беше последен пат кога маларијата масовно нѐ нападна. Таа нападна и есента истата година, но со многу помала сила. Маларијата не се пренесува од човек на човек. Неа ја пренесуваат комарците. При крајот на септември 1945 година, во Кавадарци дојде една група луѓе, мислам дека ја водеше Никола Бадев, кој подоцна стана еден од најдобрите пејачи на народни песни во Македонија.
Тие луѓе им објаснија на граѓаните дека ќе одат и ќе прскаат со некои хемиски средства по сите бари и барички околу градот и по селата и дека тоа не е опасно за здравјето на луѓето и добитокот, ама е многу корисно, бидејќи ќе бидат уништени комарците, а со нив ќе исчезне и маларијата. Таа година, маларијата не исчезна сосема, ама беше десетина пати послаба од претходните години.
Во истата 1945 година, уште еднаш слушнавме за Американците. Разбравме дека и програмата за уништување на комарците, а со тоа и уништувањето на маларијата, е помош од Америка. Но населението и ние децата не патевме само од вошки и од маларија.
Многу проширена појава беше недоволната исхранетост и неквалитетната храна, поради што слабееше организмот особено кај децата и беше намалена отпорноста на некои опасни и тешки болести. Особено беше опасна туберкулозата, која зафаќаше цели семејства и ретко кој од нив можеше да преживее. И во борбата против туберкулозата најмногу ни помогнаа Американците.
Од Америка дојдоа, како помош, нови лекови кои дотогаш ги немаше кај нас, а оттаму дојдоа, и големи количества храна. Преку специјализирана агенција на ОН овде кај нас пристигнуваа големи количества на разни прехранбени производи: млеко во прав, јајца во прав, шеќер, повеќе врсти жолто сирење, путер, месо, риби, грав и многу производи во конзерви, сѐ до бисквити и чоколади.
По тие две основи, снабдувањето со лекови и храна, американскиот придонес за истребување на туберкулозата во Македонија е најзначаен. Ниту една држава ни приближно толку по обем не ни помогнала. Подоцна, кога бевме во средните училишта и на факултетите, продолжи американската помош.
Во интернатските и во студентските мензи исхраната главно доаѓаше од Америка. За доручек редовно имавме млеко, путер, џем или пржени јајца, се од Америка. Слично беше и за ручекот и за вечерата, кога добивавме различно конзервирано месо и риби. Ние тогаш си правевме шеги, како јадиме Труманови јајца, но јајцата во прав, млекото во прав, шеќерот, путерот, конзервираната храна, гравот и сѐ друго што доаѓаше од Америка, на младите генерации во тогашна Југославија, вклучувајќи ја и Македонија, им овозможија, ако ништо друго, да ги избегнат традиционално опасните болести и правилно да растат и физички да се развиваат.
МАСЛИНКАТА И ЃУМОТ МАСЛО
Кога во почетокот на 1948 година, почна да се зборува за Маршаловиот план, кој беше инструмент за обемна економска помош од Америка на Европските земји разорени од војната, тогашната власт во Македонија, која и дотогаш главно ја премолчуваше улогата на американската помош со храна, се соочи со потребата барем овде-онде, да објаснува зошто за нас нема помош од Маршаловиот план.
Тогаш немаше телевизија, а малку кој имаше и радио апарат. Весниците, главно Нова Македонија и Борба, излегуваа на мал број страници и со редуцирани информации. Како начин на информирање, во селата и во маалата во градовите се држеа чести состаноци на кои граѓаните доаѓаа да слушнат некои новости до кои инаку немаше како да се дојде. Покрај возрасните, често на тие средби доаѓавме и децата. Седевме и слушавме таму ако не нѐ избркаа поради тоа што некој од нас станал немирен.
Се сеќавам на една таква средба на граѓаните во Четвртиот реон на Кавадарци. Имав тогаш тринаесет години. На почетокот рекоа дека главен говорник ќе биде еден кавадарчанец тогашен член на Републичката власт. Кога дојдоа на ред прашањата еден од граѓаните, чичко Ило Гогов, рече дека слушнал како Грците добивале голема помош од Американците преку Маршаловиот план, и праша зошто ние во Македонија не добиваме таква помош. Наоѓајќи се во тесно, републичкиот раководител му одговори, потпирајќи се на тезата за експлоатацијата. Заврши, велејќи го следното:
„Остави ги Грците, нека ги гнетат. Тие и така ќе пропаднат. А ти Ило, знаш ли што значи Маршаловиот план? Еве вака, да ти кажам: Американецот ќе го фати Гркот за гуша, ќе му стави една маслинка во устата, и така силно ќе го притиска, притиска, притиска, гмечи, за од него да исцеди еден цел ѓум масло!“
Овој случај денеска изгледа како анегдота. Но, тој има „некоја тајна врска“ со нашата денешна ситуација, во која пак се изнедруваат појави на антиамериканизам.
Случајот од моите детски години, кажува многу нешто за нашиот однос кон Америка. Објективните луѓе, без да ги потсетуваме, го држат во свое паметење и фактот дека во тешките и глади години, како што беше особено онаа 1952 година, поради различни околности, се закануваше глад со опасни размери во тогашна Југославија, вклучувајќи ја и Македонија.
Но до глад не дојде, поради значителните количества на пченица што на поклон ни ја испрати Америка. Со години Америка испраќаше пченица на поклон на тогашна Југославија и Македонија за да не гладува народот. Дури негде 1958 година тогашното раководство на Југославија објави дека понатаму на земјата не ѝ треба пченица на поклон, бидејќи зајакнала и е способна потребните количини увозна пченица да ги плаќа!
АМЕРИКАНСКА ПОМОШ И ЗА НЕЗАВИСНА МАКЕДОНИЈА
За волја на вистината, во тоа време не беше лесно да се обезбедат готови пари за плаќање на увезената пченица. Затоа, да се совлада таа тешкотија, пак помогна Америка. Пченицата се увезуваше, а увозот го плаќавме со средствата од поволни кредити што ги одобруваше американската администрација. Тогаш постоеше во Америка системот на тнр. Си-Си-Си кредити за снабдување со храна и други производи од американскиот пазар за оние земји кои не можат да платат во готово.
И од осамостојувањето наваму, Америка води пријателска политика на поддршка и помош на нашата земја, а тоа го прави и денес. Без поддршка од Америка многу потешко ќе можевме да се зачлениме во ММФ, во Светската банка и во Светската трговска организација. Без нејзина поддршка тешко ќе беше да ги уредиме и нашите наследени долгови од поранешна Југославија. На безбедносен план Америка на нашата земја ѝ даде поддршка во исклучително тешки моменти, кога нам ни се закануваше сериозна опасност од надвор. Тоа го прави и денес, согласно сегашните околности.
Во Македонија никогаш не се случило широко и потполно граѓаните да бидат информирани за американската помош што ја добива земјата и нејзиното значење за нас. Тоа не е случај дури ни во овие дваесет години, откако Македонија стана независна држава. Особено недостасуваше потребен ниво на свеста кај истакнатите политичари. Кога во почетокот на деведесетите години, во рамките на силите на УНПРОФОР, дојдоа и сто педесет американски војници, имаше неразумни реакции од видни политичари кои тврдеа дека тоа е повреда на суверенитетот на нашата земја.
Недоволно јасно изразената политичка свест за вистинската поддршка и помош што Америка ѝ ја дава на нашата земја, е наше наследство од времето на блоковската поделба на Европа. Тоа наследство е основата од која и денес никнуваат појави на антиамериканизам кај нас, појави кои немаат друга аргументација освен онаа со „маслинката и ѓумот масло“,. Тие случаи, пак, создаваат акутна потреба кај политичарите да избегнуваат својот рејтинг да го градат потпирајќи се и на појавите на антиамериканизам кај нас. Тие појави, кога се има во вид целото досегашно искуство, се насочени директно против интересот на Македонците и против нашите државни интереси!