Основните мотиви за доброволно партиско заложништво се клиентелизмот и статусот, кои се во исклучива функција на напредување во хиерархиската скала. Постои и трет механизам, глупоста и примитивизмот на „Македончето“, кои најлесно се воочуваат и препознаваат во неговата (анти)логика „Ако го притиснат газ дава, ако олабават газ бара“!
Пишува: Д-р Гроздан ЦВЕТКОВСКИ
Се движи, а стои! Привид дека работите функционираат, како со познатата и излитена финта за нишањето на вагонот да мислат патниците дека возот се движи.
Тактика на креирање розова слика и разубавување на грдата реалност.
Ти му велиш Анте, тој ти вели Анте курела! Изрека за некој кој постојано избегнува одговор и кажува други работи. Не е така, ами вака.
Овој маркоцепенков термин, во современата македонска верзија се трансформира како дефокусација.
Свесно пренасочување на вниманието од темата што во моментот е актуелна, на други прашања, или, пак, на сосема нешто без врска. Замајување и свртување на вниманието на јавноста.
Дефокусацијата од власта е во функција на сокривање на сеопштата криминализација и скандализација на политиката.
Крајна цел е на народот да му се „заврти умот“ и да му се оттргне вниманието од клучните проблеми и тешки последици од конкретни теми и дилеми.
Од предвременото породување на самостојна Македонија со „царски рез“ до денес, трите статус кво партии се грижат за националните интереси како за „ланскиот снег“.
Немаше к’смет и аир со недораснати и криминогени водачи со кодни имиња Папа, Мона Лиза, Гаргамел, Психопатор, Невестулка, Таче.
На сите, врвен приоритет им беше и им остана личниот интерес за збогатување и останување на власт. Ептен дрчни, што кога би можеле, ќе ја укинат Божјата заповед „Не кради“!
Со измеќарство и патернализам кон „стратешките партнери“ САД, НАТО и ЕУ и нивно содејство, етапно се операционализира планот за уништување на македонизмот „Делетион“ („Бришење“).
КОАЛИЦИЈА „ГУНС & РОСЕС“
Почна со акроним за провизорно име на државата и промена на знамето. Продолжи со фингираната војна од паравоените ОНА-нисти и Рамковниот договор за наметнување апартхејд.
Следуваа територијалната поделба за неформално федерализирање и Тиранската платформа за двојазичност. Анте курела тактиката особен замав доби во последната петтолетка на шарената операција „Едно општество за сите“.
Непринципиелната коалиција, метафорично наречена „Гунс & Росес“, која дивее наместо да владее, ја доведе Македонија до дното.
А да достигне двојно дно, останува уште обврската за уставните измени. Во немање никакви резултати, завалиите ја продаваат мантрата за „Европски сон“ како чудотворен лек за сите болести, панацеја, која ќе ги реши сите проблеми.
Исклучително штетните договори со доведување на државата во потчинета состојба кон странски држави, апогејот го достигна со таканаречениот Договор за пријателство со Бугарија и Преспанскиот договор со Грција.
Со првиот треба да се шитнат идентитетот и македонската историја од средниот, а можеби и од 19 и 20 век, а со вториот го продадоа името и се откажаа од античката историја.
Тридецениското дивеење во приватизираната држава е реплика на класичен мафијашки систем.
Пирамидална основа со вертикална и хоризонтална димензија. Оваа втората се однесува на соучесништвото, кое е клучно во одржувањето на структурата, а се темели на страв и неизвесност.
„АКО ГО ПРИТИСНАТ ГАЗ ДАВА“
Парадоксално, но голем дел од народот е вљубен „до уши“ во криминогениот систем и неказнивоста. Здушно работи во интерес на партиите, наместо на државата и(ин)директно го поддржува криминалот.
Уште од процесот на криминалната приватизација, која јасно навести дека надворешни и внатрешни фактори и структури имаат за цел да ја уништат тукушто добиената самостојна држава.
Основните мотиви за доброволно партиско заложништво се клиентелизмот и статусот, кои се во исклучива функција на напредување во хиерархиската скала.
Постои и трет механизам, глупоста и примитивизмот на „Македончето“, кои најлесно се воочуваат и се препознаваат во неговата (анти)логика „Ако го притиснат газ дава, ако олабават газ бара“!
Криминалниот систем не е можно да се поправи. Тој мора да се промени. Ама, самонаречената коалиција „Европски фронт“, допингувана со властољубие, без срам и перде, опсесивно убедува дека процесот на уставни измени бил неминовен и инсистира да се гласа за нив.
Налудничаво е убедена дека ќе победела на пролетните двојни избори и во нивниот следен мандат ќе ја внеселе државата во ЕУ. „Талентите“ ќе ја спаселе Македонија, која била на работ од провалија.
Ветуваат дека, ако останеле на власт, сигурно ќе направеле барем чекор напред. Остроумна глупост. Антитеза. Поголема анте курела, здравје!