Ѕвездата од документарниот филм ,,Медена земја”, Атиџе Муратова наполни 58 години, а по повод роденденот, нејзината пријателка, водителката и музичар Сузана Турунџиева организираше хуманитарна аукција.
На продажба беше понуден портрет на Атиџе, изработен во техника акрил на платно од ликовниот уметник Саше Милевски.
Почетната цена за делото беше 10.000 денари, а наддавањето се случуваше онлајн.
Како што информираше Турунџиева, оној кој ќе понуди највисока сума, ќе го добие портретот, а средствата се наменети за Атиџе.
Аукцијата која траеше 24 часа успешно завршила, а делото го купил битолчанец кој живее во странство и кој сакал да стане анонимен.
-Ех Битола моја, секогаш си со мене! Сопственик на портретот на Атиџе Муратова изработен од уметникот Саше Милевски е анонимен купувач, кој географски е многу далеку, ама срцето и душата му се секогаш во Битола.
Благодарност до сите кои и го честитавте роденденот на Атиџе, а најголемо благодарам за гестот на уметникот кој ја понуди сликата за да и го разубавиме роденденот на Атиџе-порача Сузана.
Вики Клинчарова