Новата Влада уште од своето формирање најавува реформи во судството со цел согласно законите да бидат процесуирани предметите против поранешни функционери. Судството е во континуитет цел на напади и критики поради пристрасност, непотизам, монтирани предмети, компромитирани кадри и врзаност со претходната власт.
Но колку тежат судиите и носителите на јавни функции од правосудството? Анкетните листови на Комисијата за спречување на корупција нудат мал увид во нивното богатство.
Почнувајќи од најспоменуваното име последниве недели, основниот јавен обвинител Марко Зврлевски, чие разрешување ја блокира работата на Собранието. Зврлевски пријавил скромен анкетен лист во Антикорупциска комисија. Неговите долгови се речиси големи колку и имотот. Од возила поседува „шкода октавија“ од 2009 година и велосипед со мотор – Ју Јунг од 2004 година. Има два стана во Скопје, од кои еден од 120 метри квадратни, како и куќа во Лазарополе. Има долгови од подигнати кредити во износ од 124.000 евра.
За разлика од него претседателот на Врховен суд, кој се смета за близок до претходната власт и чиј глас јавноста го слушна во прислушуваните разговори, пак, може да се пофали со најбогат анкетен лист меѓу судиите. Вагеловски пријавил четири стана, сите во Скопје, со вкупна површина од 262 метри квадратни. Има деловен простор во Скопје и градежно земјиште од 666 метри квадратни. Неговиот возен парк е составен од четири возила: лексус, крајслер, тојота и мерцедес бенз од 2013 година вреден 60.000 евра. Поседува многу акции од кои зема дивиденда, љубител е на рачни часовници, има два од брендот Картие, а има и уметнички слики. Со неговото богатство во вредност над 700.000 евра може да се рече дека еден од најбогатите судии во Македонија.
Најголема вредност во имотниот имот на в.д. претседателот на Кривичен суд, Стојанче Рибарев, има деловниот простор кој го има во Скопје со површина од 50 метри квадратни и во вредност од 70.000 евра. Во Штип, пак, има два стана и деловен простор, а вози цитроен и волксваген пасат.
Претседателот на Судскиот совет, пак, Зоран Караџовски, кој за состојбите во судството ги обвинуваше новинарите и нивното известување, поседува две куќи во Битола, кои ги наследил. Од податоците во неговиот анкетен лист, го купил само моторното возило марка фиат пунто, додека другото го стекнал по пат на наследство.
Претседателот на Советот на јавни обвинители, Петар Аневски, од возило има опел астра. Поседува стан во Скопје и куќа во Битола. Пријавил акции и долгови во износ од 13.000 евра.
За крај специјалната јавна обвинителка, Катица Јанева, најистакнатиот борец за правда изминативе години и личност во правосудството во која се влева најмногу надеж. Има нешто поголем имот од нејзините колеги, но со помалку луксуз. Куќа во Гевгелија, која ја наследила, и два стана во Скопје пријавени на име на нејзините деца. Вози автомобил марка ровер 4.800 евра. На име на децата е пријавен голф од 2001 година. Има плац во село Конско и земјделско земјиште во село Мрзенци. Во банка има 110.000 евра, и кредити во износ од 130.000 евра.
Маја Васева