Анкета: Секој четврти пациент се лечи на приватно, граѓаните незадоволни од јавното здравство

by fokus

Силна двојка или 2,36 е средната оценка коа на скала од 1 до 5 граѓаните му ја дадоа на квалитетот на јавното здравство, покажува најновото истражување на јавното мислење кое за Детектор го спроведе Институтот за политички истражувања Скопје.

Според него, 29,9% од анкетираните на јавното здравство му дале единица, оценувајќи го квалитетот како многу лош. Дополнително двојка дале уште 24,8% од анкетираните, а тројка, 26,3%. Јавното здравство четворка добило од 8,9% од анкетираните, додека 3,3% го оцениле квалитетот на јавното здравство со одличен пет.

Интересно што е како многу лош квалитетот на здравството во најголем процент го оцениле граѓаните од скопскиот регион и покрај тоа што во главниот град се наоѓаат и најголемите здравствени установи.

Граѓаните генерално се незадоволни од се во јавното здравство. Ваков став делат 26,2%. На 21,1% најмногу им пречи процесот на закажување и времето за чекање на преглед. 14,9 не се задоволни од лекарите, а 8,2% од инфраструктурата. Најмало незадоволство, граѓаните искажале за медицинските сестри.

Во споредба со анкетата која ИПИС ја спроведе за Детектор во 2019 година, граѓаните рефлектираат уште поголемо незадоволство имајќи предвид дека општото незадоволство од јавното здравство пред 4 години било 19,5%, а сега е 26,2%.

Речиси половина од граѓаните сметаат дека јавното здравство било подобро пред 5 години. 49,7% велат дека квалитетот на јавното здравство споредено со пред 5 години денеска е на пониско ниво. 31,8% сметаат дека нема некакви промени додека 12,4% се на ставот дека денешното здравство е подобро од она што го имавме пред 5 години.
И тука споредбата со анкетата која Детектор ја објави во 2019 покажува дека граѓаните денеска се значително понезадоволни од пред 4 години.

Во услови на силно незадоволство од квалитетот кој го нуди јавното здравство, 22,7% од граѓаните велат дека на лекар почесто одат во приватни здравствени установи. Над две третини од граѓаните или 69,8% се лечат исклучиво во јавното здравство.

Близу две третини од анкетираните или 62,3% велат дека со лековите немаат проблем односно дека аптеките се добро снабдени во текот на целиот месец и дека не е проблем да се набават лекови на рецепт. Во спротивното се уверени 30,5% од граѓаните.

Близу три четвртини од сите анкетирани граѓани или точно 73,9%  велат дека во моментов Македонија не ги исполнува стандардите и препораките на Европската унија во однос на квалитетот на здравството. Дека имаме здравство во согласност со европските стандарди сметаат 17,3% од граѓаните. И ова е прашање за кое имаме податоци од истражувањето во 2019 година и тие покажуваат дека денеска граѓаните се значително понегативно расположени околу почитувањето на европските стандарди во македонското здравство.

Ако во 33,2% во 2019 година сметале дека имаме здравство во согласност со стандардите на Европската унија денеска таа бројка речиси и да се преполовила на 17,3%. Бројот на граѓани кои сметаат дека здравството ни е далеку од Европската унија од 57,6% во 2019 скокнал на 73,9% во најновото истражување.

Анкетата на Институтот за политички истражувања Скопје е спроведена на почетокот на март оваа година врз репрезентативен примерок од 1107 испитаници.

Поврзани новости