Анкета на МЦМС: На референдумот ќе излезат 66 отсто од гласачите, 41 отсто ќе бидат „за“, а 35 отсто „против“

by Фокус

На претстојниот референдум за поддршка или одбивање на Договорот од Преспа, со цел членство во НАТО и ЕУ, „за“ договорот би гласале 41,5 проценти, а „против“ 35,1 проценти, покажуваат резултатите од испитувањето на јавното мислење спроведено од агенцијата М-проспект во периодот од 24 јули до 1 август 2018 година, по нарачка на Македонскиот центар за меѓународна соработка. Притоа, 66,4 отсто од анкетираните изјавиле дека ќе излезат да гласаат на референдумот, додека 19,8 отсто се веќе определени да се придружат на иницијативите за бојкот на референдумот, а 11,9 проценти се уште немаат одлучено.

Според резултатите од испитувањето, кај Македонците поддршка би дале 27,4 проценти, додека против би биле 45,2 проценти, додека кај етничките Албанци „за“ би се изјасниле 88 проценти, а против 2,2 проценти. Во однос на партиската припадност, огромни контигенти на симпатизери на најголемите две партии се во линија со партискиот став, така што 75 отсто од симпатизерите на на СДСМ се „за“, а 68 отсто од симпатизерите на ДПМНЕ се „против“. Поголем исклучок се забележува кај влаејачката партија, бидејќи 14,6 отсто од поддржувачите на СДСМ ќе гласаат „против“, а 4,7 отсто од приврзаниците на ДПМНЕ ќе гласаат „за“, со тоа што треба да се посочи дека 20 отсто од гласачите на ВМРО не одлучиле дали ќе бојкотираат или ќе гласаат.

Воедно, анкетата покажува дека иако 84 отсто од испитаниците изјавуваат дека се запознаени со Договорот, сепак, степенот на запознаеност со неговите одредби варира од нешто помалку од 20 отсто кои сметаат дека се целосно запознаени, до 28 отсто кои се само делумно или воопшто не се запознаени со Договорот. Во однос на контролното прашање испитаниците да посочат како во Договорот е дефинирана националноста (државјанството), само 17 отсто го навеле точниот одговор (Македонци/граѓани на Република Северна Македонија).

Поврзани новости