ВМРО-ДПМНЕ има предност од 8 процентни поени пред СДСМ, покажува делот за рејтинзите на политичките партии во денеска објавената анкета на ИРИ, спроведена преку интервјуа во живо, на репрезентативен примерок од 1 204 жители на земјава, во периодот меѓу 8 април и 4 мај 2023 година.
На прашањето „ако парламентарните избори се одржат претстојната недела, за која партија би гласале (ако воопшто гласале, одговорите се следни:
ВМРО-ДПМНЕ – 19%;
СДСМ – 11%;
ДУИ – 8%;
Алијанса за Албанците – 5%;
Беса – 4%;
Левица – 4%;
Демократска партија на Турците – 1%;
Алтернатива – 1%;
Други – 3%;
Ќе заокружам празно ливче – 3%;
Нема да гласам – 15%;
Не знам – 18%;
Одбива да одговори – 5%.
Ако се разгледаат податоците од претходните анкети на ИРИ, каде што е поставено истото ова прашање, очигледно е дека речиси и да нема поместување споредено со истражувањето на јавното мислење спроведено во октомври 2022 година.
Тогаш ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ имале ист рејтинг како и сега, додека ДУИ бележи напредок од еден процентен поен.
Од помалите партии, пак, се забележува пад на поддршката на Левица, од 6% на 4%.