Дури 20 отсто повеќе испитаници споредено со претходната година сметаат дека Македонија е помалку стабилна држава, а за 12 отсто е зголемен бројот на оние кои се убедени дека Македонија оди во погрешен правец, покажува најновата анкета на Меѓународниот републикански институт (ИРИ) со седиште во Вашингтон.
„Политичката нестабилност во Македонија расте, а довербата во демократските институции опаѓа. Песимизмот околу политичката состојба се чини дека е предизвикан од однесувањето на Владата во врска со скандалот со прислушувањето што беше разоткриен во 2015 година“, велат изработувачите на истражувањето од ИРИ, објави Гласот на Америка.
Инаку, 64 отсто од испитаниците изразиле неодобрување на одлуката на претседателот Ѓорге Иванов за помилување на функционерите вмешани во овие превирања, додека 63 отсто ја поддржуваат работата на Специјалното јавно обвинителство што ги истражува случаите што произлегоа од овој скандал.
Истовремено, беше објавена и анкета спроевдена од страна на Брима Галуп, која, пак, покажува дека мнозинство од Македонците имаат поголема доверба кон ВМРО-ДПМНЕ и кон Никола Груевски отколку кон СДСМ и Зоран Заев.