Анкета на „Фокус“ и на „Рејтинг“: Пендаровски во благо водство пред Иванов

by Фокус

Најголем дел од граѓаните сметаат дека во земјата се потребни значајни промени. Дури 68,5 отсто се поблиску до ставот „Во Македонија се потребни значајни промени“ наспроти 31,5 отсто, кои се поблиски до ставот „Македонија треба да ја задржи истата насока бидејќи работите може да се подобрат“. Фрапантни 92 отсто од анкетираните Албанци сметаат дека на Македонија и се потребни значајни промени наспроти 62 отсто од Македонците што го мислат тоа.

1

Прашање 1. Кој од следниве два става е поблизок до вашиот?

Владата ја задржува речиси истата доверба со минимален пад од последното мерење пред околу два месеца. Главно или целосно на владата ѝ веруваат 39,2 отсто од анкетираните додека 60,1 отсто во владата немаат воопшто или главно немаат доверба. Она што е индикативно е дека значително е зголемен процентот на граѓани кои рекле дека немаат воопшто доверба. Така, во февруари, 39,2 отсто од анкетираните рекле дека немаат воопшто доверба во владата додека денеска тој процент изнесува 45,7 отсто.

Прашање 2. Дали во владата имате доверба?

На прашањето „Дали со евентуална промена власта, според вас општата состојба во Македонија би се менувала на подобро би останала иста или би менувала на полошо“, 42,6 отсто од анкетираните рекле дека состојбата би се менувала на подобро, 27 отсто дека таа би останала иста додека 23,5 отсто рекле дека таа би се влошувала.

Прашање 3. Дали со евентуална промена власта, според вас општата состојба во Македонија би се менувала на подобро би останала иста или би менувала на полошо“

Овие општи податоци упатуваат на заклучок дека генерално постои незадоволство од тоа како се одвиваат работите во Македонија, но истовремено и недоволна доверба дека со промена на власта работите би тргнале во правилна насока. Дали опозицијата ќе успее со новиот тим ова да го промени во кампањата останува да видиме во следното мерење. Она што сега е поинтересно е односот и шансите за претседателските кандидати. На нешто повеќе од една недела до изборите, расположението на гласачите навестува интересна и неизвесна трка во првиот круг.

Првиот сет-прашања се однесуваше на општото мислење на граѓаните за секој од четворицата кандидати одделно. Резултатите покажуваат дека најпозитивно мислење граѓаните имаат за кандидатот на опозицијата Стево Пендаровски, а веднаш по него е актуелниот претседател Ѓорге Иванов.

Прашање 4. Какво е вашето мислење за секој од следниве кандидати?

Кандидатите на ДПА и на ГРОМ се сѐ уште релативно непознати за јавноста и околу 30 отсто немаат мислење за овие двајца кандидати, што значи дека во кампањата имаат доволно простор за дополнително промовирање.

Во следниот сет-прашања се обидовме да го измериме мислењето на граѓаните и да ја евалуираме ефективноста од самата кампања на двајцата клучни кандидати во оваа трка Стево Пендаровски и Ѓорге Иванов. Најголем број граѓани сметаат дека Стево Пендаровски досега води најдобра кампања, така се изјасниле 43,2 отсто од сите анкетирани, 39,8 отсто рекле дека најдобра кампања води Ѓорге Иванов и следуваат Зоран Поповски со 4,7 отсто и Илијаз Халими со 3,7 отсто. Интересни се резултатите според етничката припадност.

Прашање 5. Кој од кандидатите досега води најдобра кампања?

Колку кампањата влијае врз мислењето на граѓаните за кандидатите го меревме преку прашањето: „Дали со кампањата што ја води Ѓорге Иванов/Стево Пендаровски би рекле дека придонесува вие да го подобрите мислењето за него, да го влошите мислењето за него или таа не влијае никако врз вашето мислење за него?“ Прашањето беше поставено посебно за двајцата клучни кандидати Пендаровски и Иванов.

Резултатите покажуваат дека во првиот дел од кампањата Пендаровски е тој што успеал да влијае попозитивно врз мислењето на гласачите од неговиот главен конкурент. Така 56 отсто од анкетираните рекле дека Пендаровски со својата кампања придонел значително или малку тие да го подобрат мислењето за него додека само 39 отсто го рекле истото за Иванов. Со серијата гафови и прилично лошиот старт на кампањата Иванов придонел и значителен процент од електоратот да го смени мислењето на негативно за него. Така 28,9 отсто од анкетираните изјавиле дека тој со кампањата придонел тие значително или малку да го влошат мислењето за него додека за Пендаровски вака се изјасниле 15,7 отсто од анкетираните.

Ѓорѓе Иванов

Стево Пендаровски

Без разлика на квалитетот на кампањата на кандидатите, овие резултати се очекувани и поради фактот што Пендаровски беше непознат за голем дел од граѓаните (24% пред почетокот на кампањата немаа мислење за него), така што јасно беше дека тој од кампањата може да има поголема корист. Актуелниот претседател е добро познат меѓу граѓаните и мислењето за него е формирано во минатите пет години така што самата кампања не може да придонесе премногу да се промени расположението кон него. Ова е клучниот индикатор кој му носи на Стево Пендаровски повеќе гласови во овој момент од Ѓорге Иванов.

На крај, го меревме изборното расположение за првиот круг и анализата упатува на тоа дека ќе се води тесна трка меѓу Пендаровски и Иванов уште во првиот круг од изборите. Во овој момент, Пендаровски има предност од 1,8 отсто проценти пред Иванов, но ако се земе стандардната статистичка грешка за ова истражување која се движи од +2,65 отсто до – 2,65 отсто може да за очекуваме неизвесна трка.

Прашање 8. За кој од кандидатите ќе гласате во првиот изборен круг?

Процентот на неопределени граѓани во овој момент е 16,7 отсто, што укажува на тоа дека вториот дел од кампањата ќе игра клучна улога во одлучувањето на победникот.

Утре официјално почнува и кампањата за предвремените парламентарни избори. Истражувњето за рејтинзите на партиите ќе го спроведеме по првиот изборен круг и ќе објавиме официјална прогноза.

 

 Во рамки на редовното истражување, кое за потребите на „Фокус“ го изработи агенцијата „Рејтинг“, ги истражувавме ставовите на граѓаните во однос на претседателската кампања, нивното мислење за кандидатите и рејтинзите за првиот круг на претседателски избори. Стандардно како и во секоја анкета ја меревме довербата на граѓаните во владата како и неколку други прашања поврзани со насоката во која се движи Македонија.

Истражувањето е спроведено со стандардната методологија на „Рејтинг“ по пат на телефонско интервју на репрезентативен примерок од 1.560 испитаници во сите шест изборни единици од 31 март до 3 април. Резултатите се пондерирани со цел што попрецизно да го отсликаат расположението на граѓаните и да го предвидат можниот исход од гласањето за претседател на 13 април.

Ова истражување за првпат го објавуваме на нашиот портал без да правиме анализа во неделникот и го споделуваме со сите медиуми како официјална прогноза на изборниот резултат на 13 април.

Поврзани новости