Грција се наоѓа на првото место во Европската Унија (ЕУ) по ненавремено плаќање на комуналните услуги оти тоа претставува проблем за една третина или 36 отсто од домаќинствата во земјата, покажува новото годишно истражување на јавното мнение на ЕУ за приходите и условите за живот (EU-SILC). На второ место е Бугарија со 30 отсто од домаќинствата кои не се способни навремено да ги плаќаат своите сметки во последните 12 месеци. Далеку зад првите две земји се наоѓаат Хрватска и Романија со 17,5, односно 14 отсто од домаќинствата. За разлика од нив, малку или минорен број домаќинства не успеваат навреме да ги платат своите комунални услуги во Холандија, Чешка, Шведска и Австрија (сите околу два отсто).
Подобрувањето на условите за живот на луѓето и борбата со сиромаштијата и социјалната нееднаквост е централен дел во политиките на Европската унија. Независно од тоа, во ЕУ се уште има домаќинства кои имаат тешкотии да врзат крај со крај во месецот. Речиси седум отсто од домаќинствата поради финансиски тешкотии не се во состојба навреме да ги плаќаат своите комунални услуги (затоплување, струја, гас, вода и т.н.), покажува новото истражување на Евростат. Овој дел, меѓутоа, во целина во ЕУ постојано се намалува, бидејќи во 2013 година ваков проблем имаа над 10 отсто од домаќинствата.
Малку под 14 отсто од домаќинствата во ЕУ, кои се состојат од еден возрасен родител со деца кои зависат од него, се судираат со слични тешкотии во споредба со помалку од три отсто домаќинства, кои се состојат од двајца возрасни (со најмалку еден од нив на 65 години или повисока годишна возраст). Меѓу домаќинствата со двајца или тројца возрасни и зависни деца овој дел изнесува околу 11 отсто.