Анкета: Мнозинство од граѓаните не веруваат дека Владата ќе прифати се што бара Бугарија

by fokus

Мнозинство од граѓаните во државава веруваат дека Владата нема да попушти пред притисокот од соседна Бугарија. Вкупно 54,7 процнети воопшто или до некаде не се согласуваат со изјавата дека Владата ќе се согласи со се што ќе побара Бугарија, а малку повеќе од третина (37,4 посто) рекле дека целосно или до некаде се согласуваат со таа изјава.

Ова се дел од резултатите од последната анкета на Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС) и Телевизија Телма посветена на релациите меѓу Северна Македонија и Бугарија, а во светло на отпочнувањето на преговорите со Европската унија.

Разлики во одговорите, како што соопштуваат од МЦМС, можат да се видат кај најголемите етнички заедници, па така, 61,3 посто од етничките Македонци воопшто или до некаде не се согласуваат со таа изјава, а од нив, 44,8 отсто воопшто не се согласуваат со оваа изјава, додека 56,6 проценти од испитаниците етнички Албанци рекле дека целосно или до некаде се согласуваат со изјавата.

На прашањето „Што е најмалку прифатливо за вас во односите со Бугарија“, граѓаните најчесто го избирале одговорот „сите се неприфатливи“.

– За речиси една петтина од оние кои решиле да изберат своја црвена линија, најнеприфатливо е признавањето дека Гоце Делчев и припаѓа на Бугарија и на нејзината историја. Потоа, 18,3 посто од граѓаните црвената линија ја поставуваат на постоењето на македонската нација и пред 1944 година, додека за 14,9 проценти е најнеприфатливо да не се употребува терминот „македонски јазик“ во ЕУ. За 45 проценти од етничките Македонци сите изјави се неприфатливи. На второ место е припадноста на Гоце Делчев која е најважна за 34 посто од испитаниците, а потоа е постоењето на македонската нација која е црвена линија за 25,3 проценти од граѓаните Македонци. Најголем број од етничките Албанци (30,7 отсто), црвената линија ја поставиле на македонскиот јазик во ЕУ, а веднаш потоа е постоењето на македонската нација (23,2 посто), се наведува во соопштението.

Поврзани новости