Анкета: Кое име е најприфатливо за македонските граѓани?

by fokus

Никаква промена на името е ставот на мнозинството граѓани или 47,1 проценти, покажува најновата анкета на МЦМС и Институтот за демократија, која ја објави телевизија Телма.

Само  14,4 отсто од граѓаните би прифатиле „двојна формула“,  речиси исто толку 14,1 би прифатиле име за севкупна употреба или ерга омнес.  Договорено име за во меѓународните организации е прифатливо за 13,6 проценти од испитаниците, додека  10,1 отсто би поддржале договорено име за севкупна меѓунарона употреба.  Овие резултати споредени со последната анкета на  МЦМС од 2013-та година покажува пад од 15 процентни поени во противењето на каква било промена на името, но негативниот став за промена на името и натаму доминира.

Испитувањето на јавното мислење покажа и која придавка или додавка на името би била најприфатлива за граѓаните за постигнување решение. За „Горна“ се изјасниле 17,1 процент, за „Скопје“, 11,9 проценти, „Нова“ – 9,5, за „Северна“ 8,1 процент и за Вардарска 5,9 проценти. Мнозинство од испитаниците 44, проценти не се за ниту една додавка.

Анкетата на МЦМС и Институтот за демократија, спроведена теренски од 5 до 20 април на репрезентативен примерок од 1004 испитаници, го опфати и прашањето за промена на Уставот на Македонија, на што инсистира Грција, покажувајќи дека тоа е неприфатливо за 48,3 проценти од граѓаните, наспроти само 16,4 % за кои е прифатлива промена на уставното име. Со став Без промена на уставното име, а со утврдување на меѓународно име за земјава, се 18,3 проценти. Анализирано по однос на етничката припадност 60,7 проценти од Македонците не прифаќаат никаква промена на Уставот, додека за 41,8 процент од Албанците е прифатлива промената на Уставот со уставното име.

 

Поврзани новости