Повеќето, односно 48, 2 отсто граѓани не веруваат дека изборите ќе донесат разрешување на политичката криза, наспроти 41,5 кои позитивно се изјасниле на ова прашање. Ова го покажаа резултатите од истражувањето на Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС), Институтот за демократија „Социетас цивилис“ Скопје (ИДСЦС) и Телевизија Телма.
Најголеми оптимисти се граѓаните од Југоисточниот регион (57,2%) и оние над 65-годишна возраст (56,8%), а најголеми песимисти се студентите (57,8%). Најголема верба во решавањето на политичката криза по изборите имаат симпатизерите на ВМРО-ДПМНЕ (71,7%).
Симпатизерите на другите политички партии повеќе не веруваат одошто веруваат во надминување на политичката криза со изборите.
Најголем број од испитаниците (30,2%) не се сигурни што да очекуваат од изборите, додека од оние кои имаат изградено став, испитаниците што сметаат дека изборите ќе бидат фер и демократски се во поголем број (20,9%).
Симпатизерите на ВМРО-ДПМНЕ во најголем број веруваат дека изборите ќе бидат целосно фер и демократски (50,8%). Испитаниците кои ќе гласаат за ДПА се најбројни на другиот крај на скалата – воопшто нема да бидат фер и демократски (22,2%), а најмалубројни кај позитивниот став, само 3,3%.
Поддржувачите на СДСМ се поделени во очекувањата.
Големо мнозинство од испитаниците (79,7%) сметаат дека политичарите за кои има сомнеж дека биле дел од корупција или ја злоупотребиле службената должност не треба да бидат на пратеничките листи. Слични се резултатите и кај следното прашање, односно, речиси 83% од испитаниците сметаат дека политичарите за кои е поднесено обвинение не треба да бидат на пратеничките листи. Најкатегорични во овој став се оние што се изјасниле дека ќе гласаат за СДСМ (90%), потоа се симпатизерите на ДУИ (85%), на ДПА (76,6%) и на ВМРО-ДПМНЕ (67,8%).
Прашани за тоа дали се согласуваат дека предметите произлезени од прислушуваните материјали ќе добијат правна разрешница, испитаниците речиси рамномерно се распределиле на скалата со пет нивоа. Најмал е процентот на оние кои целосно се согласуваат дека таква разрешница ќе има (11,4%). За позитивниот став, „донекаде се согласувам“ се изјасниле 22,9% од испитаниците, а неутрални се 22,3%. На страната на негативните ставови состојбата е изедначена, односно, 15,9% донекаде не се согласуваат, а 15,8% воопшто не се согласуваат со изнесениот став. Вкупно 11,6 рекле дека не знаат или одбиле да одговорат.
Само 2,7 процентни поени е разликата меѓу позитивните (34,4%) и негативните (31,7%) ставови, ако се гледаат заедно „целосно и донекаде се согласувам“ и донекаде и воопшто не се согласувам. Според работниот статус, најголеми очекувања за правна разрешница имаат невработените (42,1%), а најмала студентите (26,2%). Оние што „целосно или донекаде се согласуваат“ се најбројни меѓу симпатизерите на ДУИ (55,9%) и на СДСМ (52,9), а најмалубројни кај симпатизерите на ВМРО-ДПМНЕ (25,4%).
За МЦМС, ИДСЦС и Телма, анкетата ја спроведе М-проспект. Податоците беа прибирани со теренска анкета во периодот од 6 до 20 ноември 2016 година. Анкетата е спроведена на национален репрезентативен примерок од 1.000 испитаници.