Поп-пејачката Анита Мицова го промовираше својот шести спот за песната „Рај“ која е дел од албумот „Ти сум јас“. Видеозаписот е снимен во струшкото село Белица, пред
неполн месец.
Синглот е со љубовна тематика, преплетен со блуз-призвуци. Во спотот кој е изработен од Јован Куциновски, темата е зимска семејна идила.
„Карактеристично е што сакам сите емоции да ги преточам во музика и да ги визуелизирам со видеозапис. Доколку ме прашате зошто оваа песна се вика „Рај“ одговорот е многу едноставен – сите ние имаме своја животна приказна и секогаш копнееме по нешта кои за нас ќе бидат „рајски“. Мојот рај е моето семејство. За квалитетот на видеозаписот и песната оставам да суди публиката, мое е да се надевам дека ќе им се допадне“, вели Анита која е присутна на сцената повеќе од десет години.
Таа додава дека сето ова го прави за своја душа, го гледа како скапо хоби од кое во Македонија не очекува заработка, а сака со песната да допре до срцата на нејзините обожаватели. Според неа, иако песната и спотот имаат зимски примеси, очекува да биде слушана и гледана во сите сезони.
Вики Клинчарова