Анита Ангеловска Бежоска е новиот гуверенер на НБРМ

by fokus

Собранието на Република Македонија на 46. седница ја именуваше д-р Анита Ангеловска Бежоска за гувернер на Народната банка на Република Македонија (НБРМ). За неа гласаа 81 пратеник, воздржани и против немаше.

Ангеловска-Бежоска е петти гувернер на НБРМ и прва жена на оваа позиција. Доаѓа од вицегувернерското место во Банката, на кое беше реизбрана лани во септември.

Координаторот на ВМРО-ДПМНЕ Драган Данев кажа дека тие ќе ја поддржат нејзината кандидатура, а потоа со поддршка се јави и координаторот на пратеничката група предводена од СДСМ Томислав Тунтев. Пратеничката Даниела Рангелова, која е и претседателка на Комисијата за еднакви можности изрази задоволство што на оваа позиција првпат доаѓа жена.

Претседателот Ѓорге Иванов ја предложи Ангеловска-Бежоска за гувернер на НБРМ откако претходно предложениот Димитар Богов се повлече од кандидатирата, по критиките од владејачкото мнозинство.

Иванов во својот предлог посочи дека Ангеловска-Бежоска, која доаѓа од редот на професионалците и раководните структури на НБРМ, е решение за гувернерската позиција, со кое би се продолжил континуитетот на позитивното работење и успешното водење на монетарната политика на Република Македонија.

Ангеловска-Бежоска осум години беше на функцијата вицегувернер во НБРМ , задолжена за областите монетарна политика, истражување и статистика.

Од  2004 до 2010 година Ангеловска-Бежоска била главен економист во НБРМ. Воедно, била ангажирана во Меѓународниот монетарен фонд во Вашингтон, во Одделот за макроекономски политики во европските земји и во Одделот за фискални политики. Ангеловска-Бежоска учествувала во повеќе преговарачки мисии на ММФ за склучување аранжмани меѓу фондот и земји-членки. Од 1996 до 2004-та таа работела во Министерството за финансии каде работела на повеќе позиции, од  стручен соработник за финансиски систем, советник за подготовка и извршување на буџетот, раководител на секторот Трезор  до државен секретар на Министерството за финансии. Ангеловска-Бежоска се стекнала со титулата доктор на науки на Економскиот факултет во Љубљана во 2015 година, а темата на нејзината докторска дисертација е „Координација на монетарната и фискалната политика во Република Македонија“.

Гувернер на НБРМ во последните седум години беше Димитар Богов.

Поврзани новости