Здружението за заштита на животните „Анима мунди“ информира дека утрово жител на Струга со пушка убил десетици маалски и домашни миленици.
– Бесправна држава, примитивно општество во кое владеат локални шерифи – резултатот е оваа бруталност на која сведочат денеска жителите на градот Струга. Личност што не може да се нарече човек, охрабрен од нефункционалните институции и распадот на системот во оваа држава, одлучил утрово да посегне по животот на десетици маалски и домашни миленици со пушка, тврдат од „Анима мунди“.
Од здружението реагираат зошто комуналната служба ги собрала убиени животни.
– Една служба што навидум личи на комунална, ги собира лешовите на невините животни за да ги фрли во депонија, подалеку од сечии очи со очигледна цел да се прикрие ова грозоморно убиство, посочуваат од „Анима мунди“.
Тие го прашуваат Министерство за внатрешни работи дали овој случај ќе ја добие правдата.
– Апелираме до надлежните институции веднаш да ги преземат сите дејствија за сторителот да биде пронајден и кривично да одговара за ова масовно убиство, подвлекуваат од Здружението за заштита на животни.