Столе Велковски, претседателот на Анима Мунди, здружението за заштита на животните, кое што функционира во земјава уште од 2009 година, е редовен на протестите на Шарената револуција.
Покрај него, голем број на останати активисти од Анима Мунди ( кои што ги има околу 40.000 на ниво на Македонија) излегуваат на протестите со порака дека ако во една земја животните се лишени од своите права за достоинствен живот, тогаш ниту луѓето во таква држава немаат третман каков што доликува во цивилизираното општество.
,,Ние го креваме гласот континуирано против општеството и против власта, кои што не се грижат за доброто на животните и кои генерално немаат свест за правата на животните, уште од 2009 година. Многу одамна пред Шарената револуција, во периоди кога многумина беа исплашени од сегашната власт и кога протестите беа вистинска реткост, ние од Анима Мунди бевме постојано на улица. Активистите за права на животните од Анима Мунди, а водено и од сите други здруженија низ Македонија секојдневно се на протестите на Шарената револуција како индивидуалци, како слободни граѓани кои што се борат за своите права, за основните слободи, поддржувајќи ги барањата на ,,Протестирам,,.
Меѓутоа, за воља на вистината, во тие барања никаде не се споменуваат правата на животните , и оваа револуција го нема ставено еквивалентот дека без права на животни, нема права на луѓе! Сепак, за да успее оваа револуција, не е важно кои организации ќе ја поддржат, туку граѓаните да сфатат и да си ја прифатат обврската дека самите треба да се изборат за своите прва и слободи, а потоа сите заедно ќе се избориме и за правата на животните, без разлика под чие знаме ќе се собереме или како ќе ја наречеме следната револуција,, – изјави Велковски.
АНИМА МУНДИ е здружение на граѓани создадено за да иницира заложба и јавна борба против секој вид злоупотреба и искористување на животните од страна на човекот. Се стреми кон индивидуална и колективна промена на човековата свест и ширење свест за вистинската природа на животните како битија кои чувствуваат болка, патење, страв. Исто така, крајна цел на АНИМА МУНДИ е укинување на сите облици злоставување, мачење и експолатација на животните од страна на луѓето.