Организацијата за заштита на животните, Анима Мунди започна интернет кампања насловена како„Градот хуман никако да нике“ со која се обраќа до јавноста.
„Неприфатливо е „чистење“ на градот од бездомните животни! Бездомните животни се на улица, но не се комунален смет. Бездомните животни се на улица, но не по сопствена вина. Тие не смее туку така да се отстранат, убијат, дислоцираат, или остават на немилост да умираат од заразите во Вардариште; не смеат кога било, каде било, од кого било да се злоставуваат, мачат, трујат. Љубителите на животни најмалку сакаат бездомни кучиња на улица и затоа вдомуваат, стерилизираат, со сопствени ресурси помагаат на општините и градот. Само откако ќе ја разбереме/прифатиме нашата одговорност како поединци и како колектив, и се фокусираме на човековата неодговорност – ја превенираме, евидентираме, санкционираме – тогаш конечно ќе се воспостави контрола и намали бројката на бездомните кучиња на улица.
Ги потсетуваме институциите, раководството на Град Скопје на ветувањата за хуман третман на бездомните животни и на фактот дека нехуманост нема да премолчиме.
Ги потсетуваме сите градоначалници во Македонија дека хуманоста не смее да биде исклучок, туку норма. БАРАМЕ:
1). Вардариште итно да запре со заловување на веќе стерилизирани кучиња, а оние кои ќе ги стерилизираат да бидат вратени на локациите од каде се заловени!
2). Итно вклучување на активистите и љубителите во програмите за третман на бездомните животни, поточно активисти да раководат со стационарите согласно унифицирана стратегија и програма во сите градови/општини.
3). Овластување за раководство на стационар Вардариште. Анима Мунди има знаење, искуство, волја и стратегија за раководење на стационарот и ќе направи клучни измени во неговото работење во интерес на хумано, континуирано и одговорно спроведување на програмата Залови – стерилизирај – врати; нејзина надградба преку дефинирање итни мерки и активности кои би ја унапредиле сигурноста на граѓаните и хуманиот третман на животните.
4). Во Вардариште и сите останати стационари во Македонија најстрого да се забрани прием на мали кутриња кои не можат да бидат стерилизирани, а кои во стационарот умираат во најтешки маки од зарази во стационарот.
5). Стационарот Вардариште и сите останати стационари во државата да бидат отворени за јавност најмалку 6 дена неделно 8 часа дневно, затоа што основна нивна компонента покрај стерилизациите е да овозможат и поттикнат вдомување
6). Бараме да се овозможи граѓаните да си ги повлекуваат локалните, односно колективно чуваните миленици од стационарот, да можат да ги вратат на територијата на која живеат. Бараме да се охрабруваат граѓаните да бидат општествено одговорни, да ги донесат маалските миленици на бесплатна стерилизација во стационарот, без страв дека истите таму ќе бидат убиени.
7). Бараме конечно регулирање/допрецизирање на законската рамка за одговорно сопствеништво, стерилизацијата на миленик да биде субвенционирана и задолжителна (освен во случаи на регистрирана одгледувачница, т.е доколку сакаат да се занимаваат со размножување и продавање да плаќаат данок), а неконтролираното размножување и напуштање на животните најстрого казнувано. Бездомни кучиња има и ќе има, се додека луѓето неконтролирано ги размножуваат и напуштаат.
8). Бараме превенција и сузбивање на сите форми на насилство врз животните и најстроги казни. За трујачи, организатори на борби со кучиња и убици на животни казна затвор“, велат од Анима Мунди.