Анѓушев, вицепремиер и сопственик на „Феро инвест“ во интервју за „Фокус“: Ќе се обидам да не работам со државата

by Fokus

Вицепремиерот Кочо Анѓушев деновиве е актуелен, откако фирмата „Феро Инвест“ чиј сопственик е учествуваше на тендерот за набавка на гумени транспортни ленти за потребите на РЕК Битола. Тој во интервју за неделникот „Фокус“ што ќе излезе во петок објаснува дека со оглед на неговата функција што ја има во владата на Зоран Заев, ќе се обиде фирмата да не работи со државата.

ФОКУС: Зошто не се повлековте од тендерот за ЕЛЕМ кога станавте потпретседател на Влада?

АНЃУШЕВ: Tендерот на кој „Феро инвест“ учествуваше беше објавен во февруари, уште за време на претходното раководство. Потоа има закажано јавно поддавање на цените, пет лота се, „Феро инвест“ учествува во сите пет лота како претставник на турската компанија „Озербанд“ повеќе од 15 години. Во тој момент, јас ниту сонував дека ќе бидам потпретседател на влада. На таа тема почнавме да разговараме по 27 април, меѓутоа „Феро инвест“ сега не може да се повлече, зашто ако компанијата се повлече, ќе добие негативна референца. А знаете на странските компании што им е битно? Тие нема да работат со компанија што има негативна референца. Во бизнисот, репутацијата е половина од работата. „Феро инвест“ работи преку своите фирми-ќерки во 22 држави, тоа значи дека јас не можам да си дозволам „Феро инвест“ да добие негативна референца.

ФОКУС: Дали со тоа што не го добивте тендерот, сега добивте позитивна референца?

АНЃУШЕВ: Не. Имаше две поддавања, на тие две поддавања „Феро инвест“ добиваше дел од количините и двапати претходното раководство ги потпишуваше решенијата. Тоа треба да биде јасно. Сега кога настана оваа врева во јавноста, дојде претставникот на „Озербанд“, рече ова е недолично, нема потреба нашата фирма да се става во таква негативна конотација, а воедно и вас не сакаме да ве ставиме во непријатна ситуација и тие инсистираа „Феро инвест“ да не поддава. „Феро инвест“ не ги доби количините, значи „Феро инвест“ не поддаваше, едноставно остави другите да бидат подобри и цените да бидат надвор од буџетот. Со самото тоа ние се откажавме од тендерот, но не можевме да се повлече зашто, согласно Законот за јавни набавки, ЕЛЕМ треба да ни издаде негативна референца.

ФОКУС: Значи ли ова дека во иднина „Феро инвест“ нема да учествува на државни тендери?

АНЃУШЕВ: Разбирајќи ја сензитивноста на моментот, реакциите на јавноста, јас ќе се обидам со државата да не работам. Како „Феро инвест“ тоа нас не ни е многу потребно, бидејќи „Феро инвест“ над 95 проценти извезува. Но, да не се вулгаризира ова прашања зашто „Брако“ е составен дел од „Феро инвест“, а утре ќе треба да отвори нов погон, да купи државно земјиште, природно да се развива компанијата и тоа ли ќе биде конфликт на интерес? Се разбира, дека не.

 

Поврзани новости