Анѓушев: Веднаш да сопре процесот на објавување на јавните повици од страна на АД ЕЛЕМ

by fokus

Заменик претседателот на Владата задолжен за економски прашања, излезе со реакција по денешната прес конференција на АД ЕЛЕМ, на која е соопштено дека ќе бидат објавени јавни повици за набавка на рударска опрема за РЕК Битола и за изградба на топлификација на Битола, Новаци, Логоварди и Могила во вредност од околу 80 милиони евра.

Тој потенцираше дека процедурите за објавување на јавни повици за овие два проекти треба да бидат веднаш стопирани.

„Владата на Република Македонија апсoлутно се согласува со тоа дека треба да се реализираат проекти со кои ќе се подобрува животот на граѓаните, да се модернизира механизацијата и другата опрема на капацитетите на АД ЕЛЕМ, но сето тоа најпрво треба да помине низ владина процедура. На владина седница треба да се разгледаат и усвојат условите за објавување на јавни повици, кои потоа на транспарентен и законски начин ќе бидат достапни за сите компании кои се заинтересирани да учествуваат“, истакна Анѓушев.

Владата нема да дозволи одлуките на менаментот на АД ЕЛЕМ да бидат позначајни од интересите на граѓаните и ќе инсистира на привремено замрзнување на јавните повици, се додека истите не добијат позитивна одлука од Владата.

„Не сакаме да направиме штета за граѓаните, но не сакаме повторно да се направи штета на буџетот на компанијата и на Република Македонија. Владата на Република Македонија ги има усвоено насоките на делување во полето на енергетиката, ќе инсистираме на развојни проекти во енергетиката, но постапката за објавување на јавни повици освен од управниот одбор на компанијата, мора да биде усогласена и одобрена од страна на Владата“, потенцираше Анѓушев.

 

Поврзани новости