Алаѓозовски: Фасадата ќе остане шарена како симбол на падот на автократското владение

by fokus

„Крајно лицемерно е да се говори  за грижа за културното наследство додека пропаѓа она врвното и најдрагоцено“, пишува во реакцијата на Министерството за култура, откако од ВМРО-ДПМНЕ  ја критикуваа одлуката на Алаѓозов да ја задржи обоената фасада на министерството.

Според нив, фасадата во постојната состојба, е сведоштво на Шарената револуција и борбата за демократија.

„Веројатно, белезите од Шарената револуција им пречат на претставниците на ВМРО-ДПМНЕ поради тоа што сведочат за нивното заминување од власта по повеќе од една деценија автократско владеење, за што голем придонес има токму Шарената револуција. Оттука, разбирлива е и главната причина за овие бурни реакции. Нормално е и очекувано оваа партија и нејзините претставници да сакаат тие белези да бидат избришани затоа што ги потсетуваат на големиот пораз на нивните политики“, реагираат од Министерството за култура.

Во соопштението се вели дека многу брзо, дури експресно, во обид да го обвинат новиот министер за непознавање на законите од областа на културата, всушност ВМРО-ДПМНЕ  ја откриваат сопствената неукост.

„Најпрвин, да посочиме дека оваа лоша намера е видлива поради брзањето да се реагира со употреба на погрешни термини како ‘санација’  и  ‘руинирање’. Имено, на фасадата на Министерството за култура не ѝ е потребна санација затоа што не е руинирана. На фасадата, при минатогодишните протести, на неколку места е нанесена боја, односно разреден поликолор, кој  се чисти со млака вода. Од конзерваторски аспект, за направените наводни ‘оштетувања’ на фасадата на зградата на Министерството за култура, може да се говори само за евентуално  безболно/рутинско чистење и евентуално белеење. За жал, пратеникот Јовановски го нарекува тоа руинирање на културното наследство, што е комично“, се додава во соопштението.

 

 

Поврзани новости