Вицепремиерот за економски прашања, Кочо Анѓушев, не е управител на фирмата „Фроинвест“ која дала понуда на тендерот на ЕЛЕМ за набавка на гумени транспортни ленти за потребите на РЕК Битола. Па затоа Анѓушев смета дека не е спорно и дека нема конфликт на интереси со тоа што фирмата чиј сопственик е тој конкурирала за тендер на државната компанија.
На новинарското прашање дали ќе поднесе оставка, Анѓушев денеска одговори дека согласно законот за спречување на корупција, носителите на јавни функции не смеат да бидат управители, но тоа не ги спречува, рече, да бидат сопственици.
-Јас не сум управител на ниедна компанија, но се надевам никој не очекува да ги затворам моите компании сега кога сум потпретседател на Владата. Не сакам да имам ниту една бенефиција од мојата функција, но од друга страна не можам да ги затворам компаниите. „Фероинвест“ работи 15 години и е мајка на сите компании. Во нејзини рамки се вработени 800 луѓе. Мислам дека сите треба да се научиме дека компаниите можат да работат ако тоа го работат транспарентно. Моите компании работат транспарентно и ќе продолжат така, како што работеа последните 15 години. За разлика од тоа кога некој се криел зад компании од Белизе – изјави Анѓушев.
Од АД ЕЛЕМ, инаку, информираа дека тендерот за набавка не е завршен и дека се уште не е избрана фирма. Објаснуваат дека за овој тендер досега биле одржани две аукции, но тие биле поништени по жалби од други учесници во наддавањето.
„Постапката за сегашниот тендер е почната во текот на мандатот на претходното раководство на АД ЕЛЕМ. Првата електронска аукција е одржана и поништена во текот на овој мандат, втората е одржана и поништена по доаѓањето на новото раководство, а следната недела ќе има јавно наддавање по трет пат. Тоа значи дека повторно сите заинтересирани фирми ќе учествуваат во аукцијата за овој тендер“, соопштуваат од ЕЛЕМ.